Тој се гони за кривичното дело одавање службена тајна од користољубие или за користење на податоците во странство, односно според став 2 од членот 360 од Кривичниот законик
Триесетдневен притвор му е одреден на полицискиот службеник и член на обезбедувањето на премиерот Христијан Мицкоски, кој беше уапсен завчера поради сомневања дека издавал службени тајни на трети лица.

Информацијата за одредениот притвор за „360 степени“ ја потврдија од Основниот кривичен суд. Оттаму појаснуваат дека на осомничениот полициски службеник му е одреден притвор од 30 дена бидејќи се гони по ставот 2 од членот 360 од Кривичниот законик (КЗ), кој се однесува на кривичното дело одавање службена тајна од користољубие или за користење на податоците во странство.
„Ако делото од став 1 е сторено од користољубие или заради користење на податоците во странство, сторителот ќе се казни со затвор најмалку една година“,
се вели во ставот 2 од член 360 од КЗ.
Во меѓувреме, најголем дел од медиумите со име и презиме го објавија идентитетот на осомничениот, сега веќе поранешен член на обезбедувањето на Мицкоски.
Станува збор за Ангел Сарамаков од Велес, кому притворот, според судот, му бил одреден вчера и тој веќе се наоѓа во затворот „Скопје“ во Шуто Оризари.
Според пишувањата на дел од медиумите, тој бил дел од обезбедувањето на премиерот по промената на власта. Наводите што се пласираат во јавноста, а за кои нема официјална потврда се дека тајните податоци биле продавани на членови на криминалната група од Грчец.
По апсењето на полицаецот, од Владата велат дека истрагата треба да утврди што се случувало, како и дека безбедноста на премиерот не е загрозена.
Полицаецот од Одделот за заштита на определени личности бил уапсен во саботата на паркинг простор пред хотел во Велес. Бил заедно со уште едно лице во возило бе-ем-ве. При претресот во автомобилот бил пронајден ранец со службени материјали од Министерството за внатрешни работи.
Акцијата, како што соопшти МВР вчера, била реализирана по претходно добиени сознанија, а ја спровеле полициски службеници од Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди (ОВККИПС), во координација со Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК).
Во рамките на истражните дејствија биле извршени претреси на повеќе локации и според информациите се пронајдени и одземени мобилни телефони, електронски уреди, службени документи и други предмети релевантни за истрагата.

Апсењето на полицаецот од шестата управа на МВР задолжена за обезбедување на лица и објекти, денеска беше повод и за политички препукувања меѓу опозицискиот Социјалдемократски сојуз (СДСМ) и владејачката ВМРО-ДПМНЕ.
Опозиционерите изразија сомнеж за координација меѓу најблиските луѓе на премиерот и криминалното подземје и оттука прашаа дали неговото обезбедување работело самоволно или било испратено да пренесе информации бидејќи тој, како што рекоа, согласно своите надлежности, нема пристап до доверливи податоци.
„Пред само неколку месеци, шефот на неговото обезбедување претепа полициски службеници и спречи полициска акција за сузбивање на дрога – настан што и тогаш МВР се обидуваше да го прикрие. Вчера, неговиот личен избор за обезбедување, Ангел Самараков, беше фатен како оддава службени тајни на лица од Грчец. МВР цел ден се обидуваше да го скрие скандалот, но под притисок на медиумите кои ја дознаа вистината, беше принудено да излезе со информација во јавноста“,
рекоа од СДСМ во писмено соопштение.
Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, одговорија дека наместо да ја поздрави акцијата на МВР и да научи како државата мора да ги победува тие што ја злоупотребуваат, СДСМ како дете на кое ништо не може да му се погоди реагира колку да каже нешто.
„Разбираме дека после сè што ѝ направија на Македонија, тешко е СДС да ја сфати борбата против криминалот. Кога последен пат бил уапсен член на обезбедување на премиер? А ќе потсетиме дека Заев и СДС го имаа ‘Сашо ќе пукам’, потоа премиерски телохранител со потекло од Струмичко, со по неколку пријави за тешко насилство, кои поминуваа нечепнати, ниту одговараа пред законот“,
наведоа од ВМРО-ДПМНЕ.
Без разлика дали бил член на СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ или на обезбедувањето на премиерот, за криминогените нема да има милост, велат од владејачката партија додавајќи дека законот важи подеднакво за сите.