„Службен весник“ експресно ги објави денешните одлуки на конститутивната седница на парламентот, за избор на Талат Џафери за претседател на Собранието, како и за избор на претседател, заменик-претседател, членови и заменици-членови во собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата.
Одлуките стапуваат на сила веднаш, но се објавуваат и во „Службен весник“.
Пратеникот Талат Џафери на денешната седница беше реизбран за претседател на Собранието со 62 гласа „за“. Од вкупно 105 пратеници кои гласаа, 43 беа против, а воздржани немаше.
Пратеникот од СДСМ, Костадин Костадинов, е избран за претседател на собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата. Заменик-претседател во Комисијата ќе биде пратеникот од СДСМ, Мухамед Зеќири.
Останати членови на Комисијата се следниве пратеници: Горан Мисовски, Јован Митрески, Фаница Николовска, Фадил Зендели, Мерита Колчи – Коџаџику, Арбен Зибери, Антонијо Милошоски, Александар Николоски, Дафина Стојаноска, Игор Јанушев, Никола Мицевски и Сурија Рашиди. Од 13 члена, 7 се од парламентарното мнозинство и тоа: Костадинов, Мисовски, Митрески, Николовска, Зендели, Колчи -Коџаџику и Зибери. Новиот комисиски состав доби поддршка од 90 гласа „за“. Двајца беа против и двајца воздржани.