Како што информираше судијката Фанка Јанчулева-Михаиловска, обвинетата преку својата бранителка побарала одложување на рочиштето поради влошена здравствена состојба. Одложување побарала и јавната обвинителка Сузана Мирческа-Кузмановска, која го застапува обвинението, поради неодложни службени обврски
Денешното рочиште со кое требаше да почне судскиот процес против поранешната директорка на Националната агенција за европски програми и мобилност, Лидија Димова, се одложи откако првообвинетата не се појави во судницата во скопскиот кривичен суд поради, како што извести нејзината одбрана, болест.

Како што информираше судијката Фанка Јанчулева-Михаиловска, обвинетата преку својата бранителка побарала одложување на рочиштето поради влошена здравствена состојба.
Одложување побарала и јавната обвинителка Сузана Мирческа-Кузмановска, која го застапува обвинението, поради неодложни службени обврски.
Инаку судијката Јанчулева Михаиловска, како што пренесува „А1он“, не била задоволна од известувањето за здравствената состојба на Димова бидејќи во него не биле наведени лекарски анализи туку само домашно лекување, што не е доволно за одложување на рочиштето.
Адвокатката на Димовска, Миа Ношпал-Чорак рекла дека освен што ја испратила лекарската потврда таа немала контакт со својата клиентка, која ѝ кажала дека се сомнева оти станува збор за ковид-19 и не сакала да се изложува на ризик.
Судијката Јанчулева-Михаиловска рекла дека не ѝ се допаѓа ваквиот почеток на постапката и оти се надева дека ќе се коригира.
Првото рочиште од судскиот процес против Димова е презекажано за 2 февруари следната година.
Инаку, судијката Фанка Јанчулева-Михаиловска, покрај овој, го води судскиот процес и против поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски, а ќе го суди и предметот и против наследникот на Рашковски, Мухамед Зеќири.
Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција ја гони поранешната директорка на Национална агенција за европски образовни програми и мобилност Лидија Димова, и уште две лица: еден надворешен соработник и благајничката во агенцијата во период кога Димова беше директорка за злоупотреба на европски пари.
Според проценките на обвинителството, штетата се проценува на 19 945 731 денари или околу 320 000 евра.
Димова се товари за две кривини дела: злоупотреба на службената положба и овластувања и измама на штета на средствата на Европската заедница. Надворешниот соработник, како второобвинет се гони за измама, а благајничката за несовесно работење во служба.
Според обвинителството, Димова работела спротивно на Законот за јавни набавки и на Законот за основање на Национална агенција за европски образовни програми и мобилност при склучување на договори со соработници, експерти и обучувачи.