Државниот јавен обвинител во гостувањето во „Топ тема“ на ТВ Телма рече оти не може да ја открие содржината на одговорот, но кажа дека тој бил поттик да испитуваат и други околности и факти и најави дека наскоро ќе излезат со јавнообвинителска одлука
Основното јавното обвинителство Скопје го добило од Бугарија одговорот што преку меѓународна правна помош го бараше во врска со предистражната постапка што ја води за ТОЕФЛ-сертификтот на директорот на Агенцијата за национална безбедност (АНБ), Бојан Христовски.

Дека одговорот од Бугарија конечно стигнал во Обвинителството потврди државниот јавен обвинител, Љупчо Коцевски во вечерашното гостување во емисијата „Топ тема“ на ТВ Телма, но не сакаше да открие повеќе детали.
„Ние побаравме меѓународна правна помош и еве можам да кажам во овој момент дека добивме, имаме одговор во однос на нашето прашање, односно тоа што беа наводите во пријавата и она што медиумите го објавуваа, меѓутоа во овој момент нема да ви откријам што содржи тој одговор“,
рече Коцевски.
Сепак, наведе дека тоа што го добиле било поттик да испитуваат и други околности и факти и најави дека наскоро ќе излезат со јавнообвинителската одлука.
„Токму тој одговор нè поттикна сега да испитуваме и други околности и други факти, така што набргу ќе излеземе со јавнообвинителска одлука. Значи по меѓународна правна помош стигна од Бугарија, дали работела или не таа школа и дали издавала или не такви сертификати“,
кажа државниот јавен обвинител.
Прашан зошто оделе по „подолгиот пат“, односно преку меѓународна правна помош, бидејќи според пишувањето на „Призма“ во случајот со двете директорки кои беа осудени за лажни ТОЕФЛ-сертификати полициски инспектор кој работел на случајот директно се обратил на американската компанија, која ги издава сертификатите и одговор добил за неколку дена, Коцевски рече дека не знае за тие околности.
„Не тргнавме по подолгиот пат, туку тргнавме по наводите во кривичната пријава и она што беше објавено во медиумите. Она што беше во кривичната пријава, имаше две кривични пријави и се наведе дека има сертификат издаден од Бугарија од таа школа за ТОЕФЛ…И да баравме директно од Америка порано од шест месеци не можевме да добиеме затоа што сите барања што ги доставуваме по меѓународна правна помош отприлика тука е времето. За тие околности не знам, но оваа околност, она што ни беше наведено во кривичната пријава дека постоел таков сертификат од таа школа издадено итн. И дека со тој сертификат наводно сакал да аплицира и за функција во ‘Паркинг’ и за функција асистент на факултетот и дека тој сертификат го дал и за директор на АНБ, така што можам да кажам добиено е она што го баравме, меѓутоа содржината во моментов не можам да ви ја откријам“,
изјави Коцевски.

Инаку, „360 степени“ објави серија стории во врска со спорниот ТОЕФЛ-сертификат на директорот на АНБ, Бојан Христовски, издаден од училиште „Јулија Ко.“ од Пловдив, Бугарија.
Од судски пресуди, во кои имавме увид, произлезе дека две директорки на јавни уставнови, по признание на вина, биле осудени на условни казни од две години затвор поради тоа што употребиле докумнет со невистина содржина, односно ТОЕФЛ-сертификти токму од „Јулија Ко.“ од Пловдив.
Случајот со двете директорки завршил на суд по кривична пријава од Министерството за внатрешни работи (МВР) во време кога со него раководеше Панче Тошковски.
Бевме и во Пловдив. Но, таму го намеше ниту училиштето, ниту неговите сопственици. Дополнително, според документите достапни во бугарскиот трговски регистар, утврдивме дека фирмата „Јулија Ко.“ нема деловна активност најмалку од 2019 г. наваму, така што не би можела да издаде сертификат во 2022 г. од кога датира оној на Бојан Христовски.
„360 степени“ дојде и до „Упатство за спроведување на фаза 1 – административна селекција во делот на проверка на поседување на меѓународно признати сертификати за познавање на еден од трите најчесто користени јазици во Европската Унија“ од декември 2019 г. Во документот на Агенцијата за администрација има листа на признаени тестови и испитни центри во земјава и регионот.
Го има и Пловдив, но единствениот овластен испитен центар е друго правно лице кое нема никаква врска со „Јулија Ко.“. Станува збор за приватното училиште „Класик“.
Сертификатот на Бојан Христовски го разгледуваше и Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), но се прогласи за ненадлежна за утврдување на неговата веродостојност.
Образложувајќи ја ваквата одлука, претсдателката на Антикорупциска, Татјана Димитровска во телевизиско гостување рече дека ДКСК не е истражен орган, ниту е орган на прогон, ниту располага со правни механизми за да ја потврди веродостојноста на ТОЕФЛ-сертификатот на директорот на Агенцијата за национална безбедност, Бојан Христовски.