„Пред донесувањето на оваа одлука (дека се ненадлежни за утврдување на веродостојноста на ТОЕФЛ-сертификатот на Бојан Христовски) доставивме барање со информации до Основното јавно обвинителство кое не информира дека постапката за потврдување на сертификатот за англиски јазик е во тек. Што значи дека не само што немаме надлежност, туку и не смееме да се однесуваме како судии. Сепак ние нашето го завршивме“, изјави претседателката на ДКСК во вечерашното гостување во дневникот на ТВ Сител
Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) не е истражен орган, ниту е орган на прогон, ниту располага со правни механизми за да ја потврди веродостојноста на ТОЕФЛ-сертификатот на директорот на Агенцијата за национална безбедност, Бојан Христовски.

Ова, бранејќи ја одлуката на ДКСК да се прогласи за ненаделжна по ова прашање, го кажа претседателката на Комисијата, Татјана Димитровска во вечерашното гостување во Дневникот на ТВ Сител.
Во врска со сертификатот за познавање на англиски јазик на директорот на АНБ, издаден од училиште „Јулија Ко.“ од Пловдив, Бугарија, претседателката на ДКСК рече дека тие во ниту еден момент не рекле дека тој е валиден, туку укажале оти не се надлежни да ја утврдат неговата веродостојност.
Надлежен да го стори тоа, како што кажа таа, е Јавното обвинителство каде е отворен предмет по поднесена кривична пријава. Нивното, вели Димитровска, тие го завршиле.
„Согласно Законот за кривична постапка, согласно Законот за меѓународна соработка во кривична материја Јавното обвинителство постапувајќи по кривична пријава веќе има отворено предмет за обезбедување докази со помош на меѓународна правна помош дали овој сертификат е валиден или не. Пред донесувањето на оваа одлука доставивме барање со информации до Основното јавно обвинителство кое не информира дека постапката за потврдување на сертификатот за англиски јазик е во тек. Што значи дека не само што немаме надлежност, туку и не смееме да се однесуваме како судии. Сепак ние нашето го завршивме“,
вели Димитровска.
Како споредба, таа наведе случај од 2021 година за кој постапувал претходниот состав на Антикорупциска и донел одлука да ја запре постапката. Предметот се однесувал исто така за сертификат за познавање на англискиот јазик од истото училиште од кое е и ТОЕФЛ-сертификатот на директорот на АНБ.
„Што значи, повторно укажувам, дека нема разлика во постапувањето на овој и претходниот состав во однос на надлежностите кои ги има во делот на потврдување на сертификатот“,
рече претседателката на ДКСК.
На забелешка од новинарката дека за разлика од 2021, оваа година има две судски пресуди за директорки кои приложиле лажни сертификати од истото училиште како и Христовски претседателката на Антикорупциска рече:
„Точно, знаеме во јавноста дека има два судски предмети во кои обвинетите имаат признато вина за сертификат од истата агенција. Токму заради тоа во конкретниот случај се обративме до надлежните институции, во случајот во Јавното обвинителство кое треба да си преземе одговорност и да ја утврди веродостојноста на овој сертификат“

Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) минатата недела вчера расправаше за случајот со (не)законитоста на именувањето на Бојан Христовски за директор на Агенцијата за национална безбедност отворен поради сомневањата за валидноста на неговата факултетска диплома и на ТОЕФЛ-сертификатот за познавање на англискиот јазик.
Предметот на седницата го реферираше антикорупционерката Цвета Ристовска, која ѝ предложи на Комисијата, а таа едногласно прифати да го затвори предметот за Христовски.
Инаку, „360 степени“ објави серија стории во врска со спорниот ТОЕФЛ-сертификат на Христовски, издаден од училиште „Јулија Ко.“ од Пловдив, Бугарија.
Од судски пресуди, во кои имавме увид, произлезе дека две директорки на јавни уставнови, по признание на вина, биле осудени на условни казни од две години затвор поради тоа што употребиле докумнет со невистина содржина, односно ТОЕФЛ-сертификти токму од „Јулија Ко.“ од Пловдив.
Случајот со двете директорки завршил на суд по кривична пријава од Министерството за внатрешни работи (МВР) во време кога со него раководеше Панче Тошковски.
Бевме и во Пловдив. Но, таму го намеше ниту училиштето, ниту неговите сопственици. Дополнително, според документите достапни во бугарскиот трговски регистар, утврдивме дека фирмата „Јулија Ко.“ нема деловна активност најмалку од 2019 г. наваму, така што не би можела да издаде сертификат во 2022 г. од кога датира оној на Бојан Христовски.
„360 степени“ дојде и до „Упатство за спроведување на фаза 1 – административна селекција во делот на проверка на поседување на меѓународно признати сертификати за познавање на еден од трите најчесто користени јазици во Европската Унија“ од декември 2019 г. Во документот на Агенцијата за администрација има листа на признаени тестови и испитни центри во земјава и регионот.
Го има и Пловдив, но единствениот овластен испитен центар е друго правно лице кое нема никаква врска со „Јулија Ко.“. Станува збор за приватното училиште „Класик“.
Во меѓувреме, дека отвориле предмет за ТОЕФЛ-сертификатот на Христовски ни потврдија и од МВР и од Јавното обвинителство на Република Северна Македонија. Од Обвинителството велат дека преку меѓународна правна помош се обратиле до бугарските власти за да ги обезбедат потребните информации по официјален пат.