Одлуката на колегиумот, односно на мнозинството членови на ДКСК, било да не се прифати барањето на нивната колешка, а фактот од кој се воделе, како што кажа Димитровска во вечерашното гостување во Дневникот на ТВ Сител, бил тоа што според нив, Универзитетот не бил предмет во постапката, туку дали директорот на Агенцијата за национална безбедност ги исполнува условите за да биде именуван на оваа функција
Одговорноста за ваквата одлука, рече Димитровска, е на сите членови на Комисијата, затоа што, како што посочи, сите одлуки ги носат колективно, со мнозинство гласови
Членката на Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК), Цвета Ристовска, побарала да биде изземена од постапувањето по предметот за новиот директор на Агенцијата за национална безбедност, Бојан Христовски, но нејзиното барање не било прифатено од мнозинството членови на Комисијата.

Ристовска тоа го побарала штом пристигнала претставката која се однесувала на веродостојноста на факултетската диплома што Христовски ја приложил како доказ дека ги исполнува условите за да стане нов директор на Агенцијата задолжена за безбедноста на државата и контраразузнавањето.
Ова во вечерашното гостување во Дневникот на ТВ Сител го соопшти претседателката на Антикорупциска, Татјана Димитровска, во врска со прашањето што се наметна деновиве – дали има конфликт на интерес кај Ристовска затоа што таа имала ангажман на Универзитетот за туризам и менаџмент „Скопје“, од каде што е и дипломата на Христовски.
Објаснувајќи го овој момент, Димитровска рече дека откако Ристовска го поднела барањето за изземање, Комисијата спровела постапка за утврдување дали има судир на интерес во постапувањето и одлучувањето во предметот за Христовски.
Одлуката на колегиумот, односно на мнозинството членови на ДКСК, било да не се прифати барањето на нивната колешка. Фактот од кој се воделе во носењето на ваквата одлука било тоа што според нив, Универзитетот не бил предмет во постапката, туку дали директорот на Агенцијата за национална безбедност ги исполнува условите за оваа функција.
Во таа насока, таа ги повтори наводите што веќе ги изнесоа од Антикорупциска во врска со ова прашање, односно дека Ристовска немала склучено договор за финансиски надомест, ниту за каква било соработка со Универзитетот и дека нејзиниот ангажман исклучиво бил како гостин предавач.
На забелешка на новинарката дека на веб-страницата на Универзитетот сепак пишува дека таа е асистент на еден од факултетите, Димитровска кажа дека на ова прашање соодветен одговор ќе треба да даде самиот Универзитет.
„Се согласувам со вас, на веб-страницата е наведена како асистент, но сепак тоа не е веб-страница на Државната комисија за спречување на корупција и верувам дека Универзитетот ќе има соодветен одговор на ова прашање. Морам да кажам дека нејзините предавања како гостин предавач беа за време на перидот додека беше вработена во Државниот завод за ревизија и со отпочнување на овој мандат (во ДКСК) воопшто нема предавано, односно како гостин предавач нема учествувано на никаков настан по покана на Универзитетот“,
кажа претседателката на Антикорупциска.
Димитровска беше децидна дека одлуката за неизземање на Ристовска од постапувањето по предметот за Христовски била издржана и заснована на факти.
„Со целосна професионалност и законска издржаност ја донесовме одлуката за неизземање на членот Цвета Ристовска. Сепак постапуваме независно, во согласност со закон и согласно принципите за интегритет и не сакаме да дозволиме изземање од постапување во предметите. Не смееме да дозволиме мешање во надлежностите на другите институции, во случајот во надлежностите на Државниот просветен инспекторат“,
рече таа.

Одговорноста за ваквата одлука, рече Димитровска, е на сите членови на Комисијата, затоа што, како што посочи, сите одлуки се носат колективно, со мнозинство гласови.
„Сите одлуки по коишто постапува и ги носи Државната комисија мора да бидат засновани на веродостојни информации, односно потврдени документи од надлежни институции во нашата држава. Оттаму, конкретно, јасно и прецизно побаравме универзитетската диплома (на Христовски) да ја провери Државниот просветен инспекторат, кој согласно закон е надлежен да спроведе инспекциски надзор, односно врз основ на нивните правни механизми да потврди дали овој документ е веродостоен или не. Добивме записник од Државниот просветен инспекторат, од каде потврдија дека универзитетската диплома е валидна… Во овој случај, со дипломата издадена од Факулетот, Државната комисија нема надлежност да ја провери истата. Овде би сакала да напоменам дека во досегашната работа на Комисијата, не само на овој актуелен, и на претходниот состав, донесени се голем број одлуки кои се повикуваат на заклучоци кои се составен дел на записникот од инспекциските служби. Не е ова прва одлука на која Комисијата се потпира на констатираните состојби во записникот на инспекциските служби, што значи дека во континуитет и согласно надлежностите неминовно е ваквото постапување на оваа Комисија“,
рече вечерва Димитровска.