Премиерот Димитар Ковачевски вели дека нема да отстапи од барањето одговорност за направените пропусти за доделувањето македонско државјанство на Украинецот Олександар Онишченко, кој е на црната листа на САД. Вели одговорот за причините треба да ги даде истрагата која треба да се спроведе во Агенцијата за национална безбедност.
Ковачевски порача дека е непријатно изненаден но и огорчен од начинот на кој едно лице кое се наоѓа на црната листа на нашиот стратешки партнер, САД, ги има добиено сите позитивни мислења за добивање на македонско државјанство.
„Обврска на Агенцијата на национална безбедност е да спроведе сеопфатна истрага, внатре, во своите редови, во однос на тоа како е спроведена постапката и за тоа да ја информира Владата, секако на затворена седница, бидејќи се работи за сензитивни информации”,
рече Ковачевски.
Директорот на АНБ, Виктор Димовски вчера информираше дека пропустот во случајот со Онишченко е направен на последното ниво, кое требало да направи меѓународна консултација со партнерите во рамките на НАТО, направило одобрение, меѓутоа потпишало дека не постои ризик без да го направи последниот чекор – потребната консултација со НАТО-партнерите
Димовски кажа дека не смета оти има лична одговорност за случајот, но ако се утврди дека има пропуст од негова страна, тогаш тој ќе биде спремен да се соочи и да сноси одговорност ако се утврди дека е виновен.
Димовски вчера требаше да реферира во врска со случајот за Олександр Онишченко и како Агенцијата за национална безбедност издала позитивно мислење во врска со издавање македонско државјанство на украинскиот олигарх кој воедно се наоѓа и на црната листа на САД.
Седницата што требаше да биде затворена за јавноста беше одложена, а причината за нејзиното одложување е тоа што додека течел исказот на Димовски, дел од него се емитувал на јутјуб-каналот на Собранието. Пратениците во Комисијата во текот на седницата биле известени за пропустот, а за него пратеникот Павле Трајанов го известил претседателот на Собранието кој, неофицијално, побарал да се истражи кој е одговорен за пропустот.