Експертите се согласни дека сите ќе дојдеме во контакт со вирусот, дека маските мора да останат дел од задолжителните мерки, но се разидуваат околу тоа дали сите ќе заболат
Еден од најпознатите американски имунолози Ентони Фаучи изјави дека сите ќе бидеме заразени со омикрон, а Светската здравствена организација најави дека половина од населението во Европа ќе се зарази од овој сој во следните два месеци.
„Во првата недела од 2022 година Европа забележа повеќе од седум милиони случаи“,
рече европскиот директор на СЗО, Ханс Клуге.
Ентони Фаучи, советникот на Бајден за пандемијата, исто така смета дека прогнозите се загрижувачки. Тој рече дека, поради високиот степен на преносливост, секој ќе се соочи со омикрон.
„Вакцинираните најверојатно ќе бидат заразени, вклучително и оние кои примиле засилена доза, но нема да завршат во болница и нема да умрат“,
рече Фаучи, најавувајќи дека ни претстои преоден период во однос на пандемијата.
Дали сите ќе се разболиме?
Меѓутоа, други експерти не се согласуваат со овие тврдења.
„Сепак, дури и во најстрашните пандемии, никогаш не се случило целото население да биде зафатено во рок од неколку месеци. Можно е коронавирусот на крајот да стане ендемичен како вирусите со кои живееме, како што се грипот и настинката. Не мора да се случи сега, тоа може да се случи за пет или седум години“,
изјави епидемиологот Паоло Бонани, пренесува Ел Мундо.
И имунологот Антонела Виола смета дека нема сите да се разболиме, иако сите ќе стапиме во контакт со вирусот со текот на годините.
Кои се придобивките од носењето маска?
Според Фабрико Преглиаско, виролог и медицински директор на Институтот Галечи во Милано, иако сите во одреден момент ќе стапиме во контакт со вирусот, треба да продолжиме да се придржуваме до сите епидемиолошки мерки.
„Со оглед на високата преносливост на омикрон, маската помага да се избегне инфицирање на сите нас во исто време. Општеството мора да функционира, не можеме да си дозволиме да останеме без лекари и медицински сестри во болниците, продавачи или возачи на автобуси“,
предупредува Преглиаско.
Може ли омикрон да се третира како грип?
Шпанскиот премиер Педро Санчез предложи коронавирусот да се третира како нормален грип, бидејќи зголемувањето на случаите не е проследено со зголемување на бројот на смртни случаи. Санчез тврди дека повеќе не е неопходно да се изолираат сите кои се позитивни и дека е време пандемијата да се претвори во ендемично заболување, како што е сезонскиот грип.
Сепак, СЗО предупреди дека последниот бран не треба да се третира како сезонски грип, бидејќи голем дел од новата варијанта се уште е непознат, особено во однос на тежината на болеста.
„Сè уште не можеме да го сметаме за грип. Тоа би можеле да го направиме доколку се вакцинира цела планета, но и во овој случај секогаш би постоел ризик од мутации кои ја нарушуваат заштитата и го оптоваруваат здравствениот систем“,
вели Виола.
Кога кривата на епидемијата ќе почне да паѓа?
„Незамисливо е овие бројки да продолжат да бидат толку високи, и според нашите податоци најдоцна до крајот на јануари кривата на инфекции ќе почне да опаѓа“,
прогнозира епидемиологот Паоло Бонани.
Виола вели дека тоа би можело да значи дека сите сме станале имуни, но дека таквата состојба би била привремена.
„Веќе видовме дека можни се реинфекции доколку се промени вирусот, како што се случи со омикрон“,
рече Виола.
Што ќе се случи во наредните години?
Бонами вели дека со коронавирусот ќе се среќаваме секоја зима.
„Ќе имаме зимски епидемии на корона, како што се сезоната на грип и респираторни синцицијални вируси“,
вели Бонани, додавајќи дека вакцините можат драстично да ја намалат штетата предизвикана од коронавирусот, дури и ако не се ослободиме од него целосно.