Воведни зборови на адвокатите во случајот за организацијата на настаните од 27 април 2017 година во Собранието, од утрово се слушаат во Основниот кривичен суд во Скопје. Обвинети се поранешниот претседател на Собранието Трајко Вељаноски, ексминистрите Миле Јанакиески и Спиро Ристовски и бившиот директор на УБК, Владимир Атанасовски.

Адвокатот Еленко Миланов, кој е бранител на Вељаноски, Ристоски и Јанакиески, зборуваше прв, со воведни зборови за бившиот собраниски спикер.
„Ако сакаме да си играме мозаик и да составуваме мозаици, тогаш ни недостасува клучната алка, камче или дел од мозаикот“,
рече Миланов алудирајќи на воведните зборови на Вилма Русковска која рече дека ова наликува на мозаик во кој секое делче си има своја улога.
*Поврзана вест: Воведни зборови на Русковска за организаторите на „27 април“: Крвавиот четврток го нарече мозаик, заврши со мисла од Делчев
Миланов тврди дека одбраната ќе докаже дека никој не го организирал упадот, дека многу пред 27 април се организирале протести, како и дека Вељаноски го почитувал Деловникот на Собранието.
„Ќе докажеме, врз основа на стенографски белешки од конститутивна седница, дека на 27 април пратеникот Зеќирија Ибраими се обратил процедурално. Ќе докажеме дека овој пратеник има право да се обраќа процедурално затоа што тој е заменик-координатор или лице кое има право да се обрати процедурално“,
рече адвокатот спротивставувајќи се на делот од воведните на Русковска која кажа дека тој намерно и спротивно на процедурите му дозволил и не го спречил обраќањето на Ибраими во кое тој од говорница ја пееше албанската химна.
Тој тврди дека протестите ќе продолжеле нормално и наредниот ден ако не била импулсивната реакција на пратеникот Ибраими која довела до настаните од тој ден.

„Него го нема никаде освен во доказите на обвинителството“, рече Миланов.
Понатаму, адвокатот во воведните зборови ги спомена и пораките од телефонот на Вељаноски.
„Господинот Зоран Заев на 27 април 2017 одржал прес-конференција на која укажува на постапка за избор на нов претседател. Ќе докажеме дека господинот Трајко Вељаноски се наоѓа во собраниската зграда и добива порака од својот вработен кој мора да го извести за тоа што се случува. Ќе докажеме дека препраќањето на таа порака за настан јавно објавен кон претседателот на политичката партија (Никола Груевски) не може да претставува акт на тероризам“,
рече Миланов.
Понатаму, тој продолжи со воведни зборови за Миле Јанакиески и Спиро Ристовски, па рече дека во голем дел се поклопуваат и се насочи да зборува за делот од обвинението во кое тие се товарат дека го организирале и го координирале членството на ВМРО-ДПМНЕ за протести. Па така, посочи и зошто се предложени голем број сведоци.
„Општиот опис за овие двајца обвинети со посочување градски и месни комитети од страна на обвинителството, без укажување на локациски комитет, предизвика овие обвинети да достават листа на докази со претставници на градските комитети на Град Скопје, општинските и месните комитети. Со цел за да докажеме дека ниту Миле ниту Спиро организирале и давале насоки. Ќе докажеме дека не постои вибер-комуникација на овие двајца со лицата кои наводно се организирани и координирани. Пораката ‘Сите членови доаѓајте, сега е момент’, ја нема во комуникацијата ниту на Миле ниту на Спиро. Станува збор за комуникација помеѓу лица кои ниту Миле ниту Спиро ги познаваат, немаат нивни телефонски броеви“,
тврди адвокатот.
Тој посочи и дека ќе докажат оти немало организиран превоз за протестите од внатрешноста на државата.
„Ќе докажеме дека Спиро и Миле ништо не организирале“, рече Миланов.

Ќе докажеме, продолжи адвокатот, дека тие никогаш не се наоѓаат на иста базна станица со Александар Василевски-Нинџа, кој во претходниот судски процес тврдеше дека Јанакиески и Ристовски биле во штабот на ВМРО-ДПМНЕ, односно дека Нинџа не бил во „белата палата“ во тој период за кога велеше дека таму биле и ексминистрите и ги слушнал како организираат некого.
Одбраната тврди дека во тој период ниту Јанакиески и Ристовски не биле заедно, а тоа ќе го докаже со лоцирањето преку базните станици.
*Поврзани вести
Оливер Спасовски денеска сепак нема да сведочи за „27 април“
Миле Јанакиески го цитираше Барак Обама и најави дека ќе го повика Ѓорге Иванов за сведок
Спиро Ристовски: Јас не ја прaтив пораката „Сите членови доаѓајте пред Собрание, сега е моментот“