Обвинителството не го имаше истиот пристап кон мене како кон разузнавачот Никола Бошкоски и бившиот премиер Никола Груевски, тврди ексминистерот Спиро Ристовски во своите воведни зборови за случајот за организацијата на настаните од 27 април 2017 година во Собранието, каде што тој е еден од обвинетите.
Како поткрепа на ова тврдење тој цитираше телевизиски настап на обвинителката Вилма Русковска во кој таа кажува дека не покренала обвинение против Груевски и Бошкоски затоа што има законска обврска да земе исказ од осомничените пред да ја заврши истрагата и да покрене обвинение.
„Ако ваков правен пристап бил заземен кон Бошкоски и Груевски, не бил применет кон мене. Јас исказот го дадов по барање на моите адвокати по завршувањето на истрагата“,
рече Ристовски.
Тој порача дека со неговиот адвокатски тим ќе изнесе несоборливи докази дека е невин за кривичното дело. Па, во таа насока, рече дека ќе презентира листинзи од неговата комуникација преку мобилниот телефон за да се види дека немал такви контакти, а ќе докаже и дека не ја пратил пораката со содржина: „Сите членови доаѓајте пред Собрание, сега е моментот“, како и уште една во која се вели сите лица за интервентни ситуации да бидат на готовс.
Ексминистерот додаде дека е неточно оти заедно со другите изготвил план за да се оневозможи примопредавање на власта и нагласи дека воопшто не го познава разузнавачот Никола Бошкоски, кој е еден од осомничените во случајот. Го запознал, посочи, преку телевизија кога било објавено дека Бошковски е осомничен во предметите на СЈО. Додаде дека и слабо го познава и ексдиректорот на УБК, Владимир Атанасовски, кого го запознал кога станал директор на Агенцијата за спречување перење пари. Со него имал комуникација два-три пати и контактите биле службени по препорака на Владата. Со Трајко Вељаноски, пак, како што рече, комуницирал само службено.
Ристовски тврди дека во тоа време немал никаква партиска функција за да дава наредби и тврди дека ќе докаже оти не присуствувал на какви било состаноци, како и дека не бил на осмиот кат од „белата палата“ за периодот кога тврди Александар Василевски Нинџа.
„Јасно и недвосмислено ќе докажам дека ниту сум знаел ниту сум имал сознанија што ќе се случи тој ден“,
рече Ристовски на крајот од воведните зборови.
*Поврзани вести:
Миле Јанакиески го цитираше Барак Обама и најави дека ќе го повика Ѓорге Иванов за сведок
Оливер Спасовски денеска сепак нема да сведочи за „27 април“