Хронично болните пациенти од утре ќе може да подигнуваат електронска рецепта (е-рецепта) за своите терапии, најави директорот на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО), Ден Дончев.
Целта е хронично болните, кои се во ризичната група од заболување со ковид-19, да не одат лично до матичните лекари и да ги намалат контактите со други лица. Така, наместо одење во матичните ординации, тие преку електронска пошта може да побараат рецепта за потребната терапија.
„Наместо да одат во ординација и да чекаат по чекаланици, треба телефонски да контактираат со матичниот лекар за да добијат информација дека им е искреиран електронски рецепт и потоа во аптека со документ за лична идентификација ќе ги подигнат лековите. Може и друга личност во нивно име да ги подигне доколку хроничните пациенти не можат лично да одат. Освен што ова ќе придонесе за поефикасна заштита на пациентите и медицинскиот персонал од ковид-19, ќе продолжи да функционира и по завршување на пандемијата за хроничните, а работиме забрзано да важи и за сите осигуреници и за сите дијагнози“,
рече Дончев.
Според него, софтверски креираната рецепта ќе има повеќекратни придобивки за пациентите, матичните лекари, аптеките, но и за ФЗО зашто се скратуваат трошоците за хартија и печатење.
Фондот во реално време ќе може да ја следи валидноста на тој систем на издавање рецепти и во реално време ќе може да се интервенира при евентуални неправилности или злоупотреби.