Од понеделник почнува пролетниот распуст за основците и за средношколците, кои во училишните клупи се враќаат на 7 мај. Повтроно нема да се учи на 8 мај, кога се одржуваат изборите
Учениците од основните и од средните училишта од утре, 29 април, заклучно со 6 мај 2024 година, ќе бидат на пролетен распуст кој е воведен во оваа учебна година. Првпат има промена и во календарот за настава, така што учебната 2023/2024 година за основците ќе заврши на 17 јуни, а за средношколците, како и минатите години – на 10 јуни.
Училиштата нема да работат на 8 мај (среда) кога ќе се одржуваат вториот круг од претседателските избори и парламентарните избори 2024г.
Ден претходно, вторник, 7 мај, скратени часови и работно време до 11 часот ќе имаат оние училишта каде што утредента ќе се организира гласањето.
Како што информира Министерството за образование и наука, наставата од деновите кои поради изборите се неработни ќе бидат одработени во работни денови со подолг престој на учениците во училиштата за да се реализираат дополнителни часови.
Скопските ученици треба да надоместат и за пропуштеното од наставата на 30 ноември 2023 г., кога во главниот град беше организиран Советот на министри на ОБСЕ.
За планирањето и организирањето на дополнителните часови, МОН ги задолжи директорите на училиштата.
„Дополнувањето на нереализираните наставни часови ќе го планираат и организираат директорите на училиштата и ќе се реализира со подолг престој на учениците во денови од работната недела, во рамки на шестчасовното работно време на наставниците“,
соопшти МОН.
МОН, по реакциите во јавноста и од синдикатите, ја повлече претходната одлука пропуштеното да се надомести во саботи.