Сите граѓани што примиле втора доза од вакцината против ковид, во моментот кога ќе поминат шест месеци, ќе добијат СМС-порака дека може да се јават и да примат трета доза вакцина
Од почетокот на следната недела, лицата на возраст над 60 години, како и здравствените работници и лицата со имунокомпромитирана состојба ќе може да примат трета доза на вакцината против ковид. Се најавува и скрининг на генералната здравствена состојба на населението, како и брзи антигенски тестови за учениците во основните и средните училишта во државата.
Согласно сознанијата што ги посочи министерот за здравство Венко Филипче на вчерашната прес-конференција, третата доза вакцина треба да биде од производителот „Фајзер“, а дополнително ќе следат препораки за вакцини од други производители.
Филипче информира дека сите граѓаните што примиле втора доза во моментот кога ќе поминат шест месеци ќе добијат СМС-порака дека може да се јават и да примат трета доза вакцина и нагласи дека нема потреба да се заминува во странство за трета доза вакцина.
„Даваме препорака врз основа на искуства од други земји и меѓународни институции кои се тие категории граѓани кои треба да се вакцинираат. Значи сите граѓани без разлика на тоа со која вакцина се иницијално вакцинирани, може да се вакцинираат со трета доза вакцина. Има вакцини доволно во кој било пункт. Овој процес ќе започне од понеделник, поради тоа што некои работи треба да се спремат во електронскиот систем“,
рече Филипче.
Министерот сподели и дека 73 проценти од пациентите кои починале од ковид-19 имале најмалку две хронични болести, што, според него е факт кој бара еден детален скрининг на генералната здравствена состојба на населението. Тој рече дека скринингот ќе ја опфати здравствената состојба на пациентите претходно, типот на хронични болести, начинот на лекување, редовноста во земањето терапија и пристапот кон неа, колку често се јавуваат на контролни прегледи.
Скрининг, како што навести Филипче, ќе почне да се спроведува и на учениците во основните и средните училишта во државата, за што методологијата ќе биде детално презентирана. Скринигот на учениците, како што кажа тој, се должи на фактот дека тука има одредена, многу мала трансмисија, меѓутоа, скринигот ќе се прави поради тоа што многу често децата се и асимптоматски носители.
Тој напомена дека станува збор за правење брзи антигенски тестови за ковид-19, а детали за овој пристап, како што рече, ќе кажат во наредните денови, бидејќи, според министерот, ова бара одредена подготовка, во однос на согласност од родителите.