Малопродажната цена на бензините еуросупер БС-95 и еуросупер БС-98 се зголемуваат за еден денар и ќе се продаваат по цена од 85,50 денари за литар, односно од 87,50 денари за литар
Најголемо поскапување има кај дизелот. Малопродажната цена на еуродизел (Д-Е В) се зголемува за два и пол денари и ќе изнесува 82,50 денари за литар
Од полноќ ќе важат повисоки цени на повеќето нафтени деривати, одлучи денеска Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), со која тие во просек се зголемуваат за 1,47 отсто во однос на цените утврдени на 29 јуни.

Малопродажната цена на бензинот еуросупер БС-95 се зголемува за еден денар и ќе изнесува 85,50 денари за литар, додека еуросупер БС-98 исто така поскапува за еден денар и ќе се продава по цена од 87,50 денари за литар.
Најголемо поскапување има кај дизелот. Малопродажната цена на еуродизел (Д-Е В) се зголемува за два и пол денари и ќе изнесува 82,50 денари за литар.
За два денари поскапува и екстралесното масло за домаќинство (ЕЛ-1), чија нова цена ќе биде 81,50 денари за литар.
За разлика од останатите нафтени деривати, цената на мазутот М-1 НС се намалува за 0,265 денари за килограм и ќе изнесува 41,230 денари за килограм.

Од РКЕ информираат дека новата корекција на цените е резултат на движењата на светските пазари и на курсот на денарот во однос на американскиот долар.
Во однос на претходната пресметка, референтните цени на светските пазари се зголемени за 2,576 отсто кај бензините, за 5,201 отсто кај дизелот и за 4,681 отсто кај екстралесното масло за домаќинство, додека кај мазутот е забележано намалување од 0,967 отсто.
Во пресметката е вклучена и промената на курсот на денарот во однос на доларот, кој во изминатиот период бележи минимално зголемување.
Во пресрет на новите цени на горивата, премиерот Христијан Мицкоски вчера изјави оти очекува да има зголемување на цените на дизелот за околу два до два и пол денари по литар и на бензините за околу еден денар по литар.
Ваквите очекувања, како што рече, се темелат врз основа на пресметките на Владата направени според движењето на цените на нафтата и на нафтените деривати на светските берзи во текот на минатата седмица.
Од опозицискиот Социјалдемократки сојуз (СДСМ) денеска соопштија дека Мицкоски најавил поскапување на горивата, но не понудил мерки за заштита на граѓаните од новиот ценовен удар.
Според партијата, Владата не презема конкретни чекори за подобрување на животниот стандард, додека граѓаните сè потешко ги покриваат основните трошоци.
