Во пресрет на новите цени на горивата што треба да бидат соопштени денеска, премиерот Христијан Мицкоски вчера изјави оти очекува да има зголемување на цените на дизелот за околу два до два и пол денари по литар и на бензините за околу еден денар по литар
„Додека граѓаните живеат крпен живот, од ден во ден се сè посиромашни, Мицкоски не презема ништо. Затоа секоја изјава му е ‘наскоро ќе види‘. Тоа ‘наскоро‘ не ги полни фрижидерите на граѓаните, ниту ги плаќа сметките“, велат од опозициската партија
Од опозицискиот Социјалдемократки сојуз (СДСМ) денеска реагираат дека премиерот Христијан Мицкоски најави поскапување на горивата, но не понуди мерки за заштита на граѓаните од новиот ценовен удар.

Оттаму велат и дека Мицкоски признава оти има пазари и компании што работат со повисоки маржи, но не ги открива нивните имиња.
„Тоа се тие двајца Мицкоски – едниот признава дека има проблем, другиот со лаги и манипулации се обидува да дефокусира од проблемот“,
се вели во партиското соопштение.
Според партијата, Владата не презема конкретни чекори за подобрување на животниот стандард, додека граѓаните сè потешко ги покриваат основните трошоци.
„Додека граѓаните живеат крпен живот, од ден во ден се сè посиромашни, Мицкоски не презема ништо. Затоа секоја изјава му е ‘наскоро ќе види‘. Тоа ‘наскоро‘ не ги полни фрижидерите на граѓаните, ниту ги плаќа сметките“,
додаваат од СДСМ.
Секое зголемување на цените на горивата оценуваат дека директно ги зголемува транспортните трошоци, а тоа повторно се прелева во повисоки цени на храната.
„На крајот, сметката повторно ја плаќаат граѓаните, кои крај со крај не можат да врзат во месецот. Скоро 70 000 денари му се потребни на едно четиричлено семејство само за покривање на основните животни трошоци. Инфлацијата ја јаде куповната моќ. Со ребалансот и нагорното ревидирање на инфлацијата на 4,5 отсто, Владата призна дека цените ќе продолжат да растат“,
посочуваат од партијата.
Во соопштението оттаму додаваат и дека Владата не ја прифатила иницијативата на СДСМ за минимална плата од 600 евра, ниту предлозите за замрзнување на маржите на основните прехранбени производи и дополнителна поддршка за најранливите категории граѓани.
„Наместо конкретни мерки, тој вели дека во четири очи со компаниите ќе ги решавал високите цени – класична манипулација и замајување на јавноста. Нема конкретна политика, ниту мерка за намалување на цените, Мицкоски уште ќе ‘чека‘. Ама затоа за задолжувања за партиските тендери не чека – тоа оди експресно“,
велат од опозициската партија.
Според партијата, Владата не прави одложувања кога станува збор за нови задолжувања, тврдејќи дека за две години државата се задолжила за 2,5 милијарди евра, без тие средства да бидат насочени кон минималната плата, мерки за граѓаните или капитални инвестиции.
„За две години екпспресно направија нов долг од 2,5 милијарди евра, не за 600 евра минимална плата, не за мерки за граѓаните, не за капитални проекти – само за криминални тендери на расипничката ВМРО. Вистината е дека оваа Влада за две години го донесе народот до дното на сиромаштија. Се покажува дека немаат ниту план ниту желба за заштита на економијата и животниот стандард на граѓаните. Последиците од неспособната ВМРО граѓаните секој ден ги чувствуваат на бензинските пумпи, во маркетите и во своите празни паричници“,
додаваат оттаму.
Во пресрет на новите цени на горивата што треба да бидат соопштени денеска, премиерот Христијан Мицкоски вчера изјави оти очекува да има зголемување на цените на дизелот за околу два до два и пол денари по литар и на бензините за околу еден денар по литар.
Ваквите очекувања, според него, се врз основа на пресметките на Владата направени според движењето на цените на нафтата и на нафтените деривати на светските берзи во текот на минатата седмица.
„Врз основа на нашите калкулации имаме зголемување на цената на нафтата за 5-6 проценти на светските берзи во текот на минатата седмица и благо зголемување на цената на бензините за 2 до 3 проценти“,
рече Мицкоски.
Сепак, додаде дека за конечните цени на горивата што граѓаните ќе ги плаќаат од полноќ меѓу понеделник и вторник треба да се почека одлуката на Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на РС Македонија.
