Адеми синоќа даваше изјави за медиумите пред полициската станица Карпош каде што на распит се наоѓаше поранешниот министер за економија Крешник Бектеши, во врска со трагедијата во Кочани
Од партијата која стана колепка на криминалот нема осуда и нема оградување. Но, тоа нема да ги спаси од одговорност. Од оваа тема делат на наши и ваши, на Македонци и Албанци. Ова е денешната реакција на владејачката ВМРО-ДПМНЕ откако вчеравечер потпретседателот и портпарол на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Арбер Адеми, на прес-конференција пред полициската станица Карпош ја обвини власта дека наместо сплотеност и солидарност покажала практиканство.

„Борбата противи криминалот нема боја, раса и припадност. Иако, за жал, за СДС и ДУИ има. За разлика од нив, ова за нас, но и за сите граѓани е борба на народот против корумпираните кои создадоа чудовиште од системот кој убива поради корупција“,
се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
Адеми синоќа даваше изјави за медиумите пред полициската станица Карпош каде што на распит се наоѓаше поранешниот министер за економија Крешник Бектеши во врска со трагедијата во Кочани.
Именувајќи конкретен портал, тој рече дека уште во 9 часот почнала да се развива теорија дека зад настанот во Кочани стои некој Албанец, за потоа откако „други провладини портали ја објавуваат истечената лиценца од 2023 година, ја бришат веста за да после неколку часа ја објавуваат веста за некоја фалсификувана лиценца како главен столб на владиниот спин наратив“.
„Наместо министерот за внатрешни работи, кој што е министер во последните 14 месеци, да ја преземе одговорноста што дозволил 12 месеци да работи кабарето без лиценца, секојдневно да се организираат собири спротивно на сите законски прописи и стандарди тој се обидува на бесрамен начин да ја префрли дебата на етничка и партиска димензија“,
кажа Адеми.
Посочи дека поранешниот министер за економија, Крешник Бектеши доброволно се пријавил во полициска станица.
Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски вчера на прес-конференција потврди дека поранешниот министер за економија Крешник Бектеши е на распит во полициската станица Карпош.
