Непочитувањето на најосновните мерки за лична заштита од коронавирусот на плажите и во одморалиштата, како што се физичката дистанца и носењето заштитна маска се претпоставка за драстичен пораст на бројките на заразени, стравуваат лекарите.
Денеска предупредување за несаканите последици упатија министерот за здравство Венко Филипче и професорот на Медицинскиот факултет, Никола Пановски.
Двајцата со своите изјави индиректно укажаа дека проблемот е во одговорноста на секој од оние кои решиле да го искористат продолжениот викенд или се на годишен одмор, но при тоа не внимаваат ниту на сопственото здравје, ниту на здравјето на своите најблиски и пријатели.
Филипче предупредува дека „вирусот не е на одмор“, туку е мошне активен, а Пановски сугерира доколку не се почитуваат прописите, да се затворат плажите.
Приватните видео снимки и фотографии кои кружат на социјалните мрежи покажуваат дека не само што не се носат маски, туку нема никаква дистанца меѓу посетителите на плажите.
За спецификите на поведението сведочи и изјавата на еден од анкетираните туристи.
„Мора да бидеме реласкирани. Инаку не е одмор ако ептен се пазиш. Тоа не е одмор. Значи, мора да се живее. Е, сега, кого ќе стрефи нека стрефи, тоа е судбината“,
вели гостин на една од плажите во Охрид.
Професор Методи Чепреганов, во интервју за порталот мкд.мк, вели дека проблемот е во свеста на граѓаните.
„Сами се уништуваме. Нашиот ментален склоп води кон уништување на нашето сопствено здравје. Нема одговорност, нема самодисциплина. Битен е односот на народот кон сопственото здравје. Во првите месеци од епидемијата процентот на вирулентноста беше кај постарите луѓе, а сега сè повеќе се помлади. Едноставно, затоа што не внимаваат на ништо. Ете тоа е менталниот склоп. Луѓето треба да сфатат дека ова е животозагрижувачка работа. Не само за мене, за вас, за сите. Сите можеме да умреме, нема исклучоци тука“,
вели тој.