Пендаровски вели дека за да се биде претседател треба нешто надвор од партиските електорати и партиските гласачи, потребно е нешто што се нарекува граѓанска сцена, граѓани кои не се поврзани со политички партии, кои не гласаат на секои избори, па треба да испровоцираш, да ги мотивираш баш за тебе да излезат и да гласаат
На прашањето дали ако биде претседателски кандидат е подготвен за повторен дуел со Гордана Силјанова-Давкова, како и на изборите пред пет години, одговори дека „сосема е небитно кој ќе биде на другата страна доколку се погоди комбинацијата“ т.е. неговиот личен рејтинг и рејтингот на партијата што ќе застане зад него
Пендаровски одговараше и за парламентарните избори и за процедурите кои следуваат и рече дека за него не е спорно да му даде мандат на Џафери зашто тоа е меѓупартиски договор меѓу власта и опозицијата

На крајот на јануари или почетокот на февруари се очекува одговорот дали претседателот Стево Пендаровски „ќе трча“ за втор мандат за шеф на државата. Неговата одлука, како што вели тој, ќе зависи од личниот рејтинг и од рејтингот на потенцијалните политички поддржувачи, т.е. партиите кои би му дале поддршка.
Според Пендаровски „независен кандидат никогаш во историјата на Македонија не победил“ и затоа е потребна поддршка од партија, исто како што „многу тешко може да победи и чисто партиски кандидат“.
„Ако константите и параметрите се поклопат и се во ред, значи партиската поддршка – минатиот пат имав поддршка од 31 политичка партија зад себе, но да видиме сега евентуално колку би имал, потоа мојот личен рејтинг, па силата на партиите што ќе застанат зад мене и доколку се погоди таа комбинација сосема небитно е кој ќе биде на другата страна. Се прават секакви компаративни анализи, додека на страната на сегашната опозиција, да не навредам никого во лична смисла, меѓутоа скоро да е небитно кој ќе биде кандидат, бидејќи партискиот електорат на ВМРО-ДПМНЕ е веројатно еден од најдисциплинираните во Македонија“,
рече претседателот Пендаровски во вечерашното гостување во емисијата „Само интервју“ на Канал 5 телевизија.
Пендаровски вели дека за да се биде претседател треба нешто надвор од партиските електорати и партиските гласачи.
„Потребно е нешто што се нарекува граѓанска сцена, граѓани кои не се поврзани со политички партии, кои не гласаат на секои избори, па треба да испровоцираш, да ги мотивираш баш за тебе да излезат и да гласаат. Што кај нас станува се потешко и потешко затоа што мотивацијата кај луѓето со годините се намалува зашто секоја сукцесивна политичка гарнитура, за жал, не го испорачува она што го ветува“,
рече Пендаровски.
На прашањето дали разговарале со владејачката партија за поддршка, Пендаровски рече дека со лидерот на СДСМ Димитар Ковачевски засега нема разговарано на таа тема, но се очекува тоа да биде на дневен ред по Нова година. Редовни средби, рече, има со претседателот на Владата и со лидери на парламентарни партии на кои разговараат за тековни политички прашања, но не и за кандидатурите.
„Ако постојат потентни политички партии, секако не на ниво како во 2019 зашто тоа е невозможно, но партии кои ќе сакаат да ми ја дадат поддршката и ако тука може да се направи комбинација меѓу она што значи граѓанска Македонија и партиска Македонија, мислам дека шансите се сериозни“,
додаде Пендаровски.
На прашањето дали ако биде претседателски кандидат е подготвен за повторен дуел со Гордана Силјанова-Давкова, како и на изборите пред пет години, одговори дека „сосема е небитно кој ќе биде на другата страна доколку се погоди комбинацијата“ т.е. неговиот личен рејтинг и рејтингот на партијата што ќе застане зад него.
Пендаровски одговараше и за парламентарните избори и за процедурите кои следуваат. Во однос на парламентарните избори, рече дека премиерот Димитар Ковачевски треба да поднесе оставка пред 28 јануари за техничката влада да може да почне да функционира од тој датум и очекува рокот да се запази за што се надева дека „постои прецизен политички договор меѓу двете најголеми партии“.
За него не е спорно, како што рече, да му даде мандат на Џафери зашто тоа е меѓупартиски договор меѓу власта и опозицијата.
Во врска со некои изјави од опозициската ВМРО-ДПМНЕ дека би влегле, но не би гласале за таа влада предводена од Џафери, Пендаровски рече „ако сакаш да бидеш дел од таа техничка влада, гласај за таа техничка влада“.
Претседателот Пендаровски се осврна и на случајот со двојното убиство на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски. Тој рече дека не очекува турските власти да ја одолговлекуваат постапката за екстрадиција на Љупчо Палевски, првообвинет за убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска од Скопје и 74-годишниот Панче Жежовски од Велес.
Тој не откри дали контактирал со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во врска со забрзувањето на екстрадицијата на Палевски, но рече дека Министерството за правда добило позитивни сигнали од Турција.
„Во Министерството за правда добиле позитивни сигнали од нивните колеги дека ќе се постапува максимално брзо во рамки на тие норми. Генерално, имаме одлични политички односи со Турција. Не гледам некој резон да одолговлекуваат, да не го даваат човекот. Се разбира, ако се исполнети предусловите по турските закони. Не можам да шпекулирам кога би дошол. Меѓутоа, нема да чекаме години, како што имаше некакви најави, претпоставувајќи за некакви заднински мотиви. Но, јас не можам да видам дека има заднински мотиви“,
вели Пендаровски.
За тоа што би издвоил од досегашниот мандат, како еден од највпечатливите моменти Пендаровски го истакнува случајот со девојчето Ембла кое го придружуваше до училиштето.
„Тоа е еден момент што не очекував дека ќе добие толку голем публицитет, а навистина ми е мило дека тоа се случи. Девојчето Ембла го придружував до училиште од каде претходно беше речиси исфрлено затоа што е со посебни потреби и наводно им пречело на другите дечиња. Бев таму и се заложив на неформален начин да добие образовен едукатор и да биде дел од своето одделение. Ова беше вест што излезе од границите и драго ми е што токму таква вест излезе од Македонија, а не војни, криминали, корупции, црни листи“,
рече Пендаровски.