Претседателот на државата вели дека гледајќи ја длабоката недоверба меѓу главните политички субјекти во Македонија за кое било прашање, смета дека сè уште има потреба од техничка влада
Во интервјуто за „360 степени“ на МРТ 1, претседателот Стево Пендаровски го прашавме и каков е неговиот став за иницијативата за укинување на т.н. пржинска влада, која според закон, се избира сто дена пред парламентарните избори, а во која опозициската партија со најголем број пратеници во Собранието добива министри за внатрешни работи и за труд и социјална политика, како и дополнителни заменик-министри во неколку ресори со врзан потпис со министерот.
360°: Треба ли да се укине техничката влада? Ве прашувам за ова како за механизам кој беше воведен за да ја зголеми довербата во изборниот процес. Треба ли еден таков механизам да се укине, јас и на премиерот му го поставив ова прашање во оваа смисла – видовме дека опозицијата може да победува на избори кога СДСМ е на власт и организира избори, сè уште не сме виделе по воведувањета на овој механизам дека СДСМ како опозиција може да победува кога ВМРО-ДПМНЕ од позиција на власт би организирала избори.

Пендаровски: Мојата проценка, како човек кој е надвор од тие меѓупартиски или интрапартиски калкулации, гледајќи ја длабоката недоверба меѓу главните политички субјекти во Македонија за кое било прашање, е дека сè уште има потреба од техничка влада сè додека не дојдеме до ниво на политичка култура во која ќе го признаеме поразот вечерта, а тоа ќе се базира на веродостојни факти од теренот кои кажуваат дека стварно си победил.
360°: Колку и тешко таа да функсионира оти во пракса имаше триења…
Пендаровски: Јасно е, но подобро да има и такво функционирање во делови и нефункционирање временски на техниката влада отколку да бидете на страна и да речете – нема кој да ги сопре, нема никаква кочница во таа влада. Тогаш, влези внатре, макар еден од сто случаи ако го спречиш во таа насока, е добро – и за тебе добро и за македонската демократија.