Oд компанијата „СТП Капитал Партнерс Холдингс“ реагираат на вчерашното интервју на директорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски и нагласуваат дека технолошкиот парк- СТП е прилагоден согласно постоечкиот ДУП за соодветната област и за истата локација не се бараат бенефиции за градба, туку да се изнајми и последователно откупи земјиштето по важечките цени
Од „СТП Капитал Партнерс Холдингс“ велат дека Владата до ден денес, а ниту Дирекцијата за ТИРЗ, никогаш не доставила понуда за градба на филмските студија како што наведува директорот Деспотовски, ниту пак е добиена било каква писмена комуникација со која се дискутира статусот, или изградбата на овој проект

Компанијата „СТП Капитал Партнерс Холдингс“ ДОО Скопје не сака прво да гради згради и да продава станови, туку сака најнапред да добие статус на стратешка инвестиција, да започне веднаш со изградба на филмските студија и останатите содржини, кои меѓу другите вклучуваат и екслузивни станови за сместување на филмските уметници по нивни вообичаени стандарди, на ИТ извршните директори и ИТ номади од целиот свет, како и станови за сместување на странските студенти кои би се образувале во горенаведениот универзитетски центар.
Ова е дел од демантот испратен од компанијата „СТП Капитал Партнерс Холдингс“ ДОО Скопје, а кој се однесува на интервјуто на Јован Деспотовски, директор на Дирекцијата за ТИРЗ за „Студио 10“ на ТВ 24 во кое тој вели дека прво од компанијата барале да им се дадат локации за изградба на станбени и деловни згради.
Од Компанијата велат дека локацијата за проектот „СТП“ е предложена од страна на Владата за компанијата „СТП Капитал Партнерс Холдингс“ да изготви бизнис план и достави барање за стратешка инвестиција.
„Истото е направено. Бизнис планот е оценет од врвни домашни и странски експерти, професори и уметници како ‘единствен од овој вид на Балканот’, или ‘транзициски проект’ кој има можност да ја транзитира македонската економија во стопанство со индустрии кои носат повисока додадена вредност. Филмските и музички студија-Стонебриџ, не се предвидени за градба во центарот на Скопје, туку проектот СТП (технолошкиот парк), а делот за кој говори Деспотовски беше планиран за една од ТИРЗ-и. Технолошкиот парк- СТП е прилагоден согласно постоечкиот ДУП за соодветната област и за истата локација не се бараат бенефиции за градба, туку да се изнајми и последователно откупи земјиштето по важечките цени“,
се навдува во демантот од компанијата.
Оттаму велат дека Владата до ден денес, а ниту Дирекцијата за ТИРЗ, никогаш не доставила понуда за градба на филмските студија како што наведува директорот Деспотовски, ниту пак е добиена било каква писмена комуникација со која се дискутира статусот, или изградбата на овој проект. Имено, „СТП КПХС“ се уште, и по 14 месеци од доставеното барање, чека некаков одговор од Владата, велат од „СТП Капитал Партнерс Холдингс“.
Од „СТП Капитал Партнерс Холдингс“ го прашуваат Деспотовски и другите одговорни лица во Владата дали се запрашале кои се бенефитите за македонската економија, буџетот и граѓаните од имплементацијата на проектот СТП.
„Се чини дека на страна на Владата недостасува соодветна економска анализа на проектот, како и анализа на сите други користи за имиџот на земјата, развојот на туризмот и другите неспоменати бенефиции. Во оваа насока сакаме да ја информираме јавноста дека нашата скромна анализа ги предвидува следните ефекти врз посочените области, односно со продажбата на земјиште за вообичаените проекти кои се изведуваат во земјата, општината/Владата ќе добие еднократно 10-15 милиони евра, а се откажува, доколку не го придобие овој проект, од долгорочни приливи во Буџетот од меѓу 75-100 милиони евра годишно“,
се додава во демантот.
Од „СТП Капитал Партнерс Холдингс“ велат дека Владата, или некои одделни претставници кои во нејзино име даваат изјави, мора да се запраша дали кога се обидува да го претстави проектот СТП како, „проект за продажба на недвижнини (Real Estate )“, не прави со тоа големо промашување во проценките и дали на граѓаните не им одзема голема материјална основа за равој, врвно образование и културен исчекор од највисоки размери преку откажување од наведените фискални придобивки.
„И, во чиј интерес тоа го прави? Дали Владата има подобра алтернатива за развој на посочената локација и што содржи тој план?!“,
се наведува на крајот од демантот испратен од „СТП Капитал Партнерс Холдингс“.
Во продолжение, интегрално (прикачен на линкот подолу) ви го пренесуваме целиот демант испратен од „СТП Капитал Партнерс Холдингс“.
Инаку, Деспотовски во вчерашниот телевизиски настап рече дека целиот проект на компанијата се состоел од повеќе елементи, а филмскиот град бил само еден од нив. Имаше, рече тој, еден крупен сегмент кој подразбираше развој на комерцијални објекти, дел за домување, дел за деловни намени.
На конкретно прашање дали сакале да градат згради, Деспотовски одговори:
„Ако сакате брутално искрени да бидеме, да. Јас немам проблем тоа да го дискутирам. Понудивме сегментот на филмскиот град веднаш да го реализираме во една од нашите зони. Веднаш, земјиште да лоцираме за таа намена, дури и да обезбедиме контакт со домашни фирми кои биле подготвени тоа да го изградат и да го дадат под наем, само компанијата да дојде, да донесе технологија и да донесе клиенти да се снима тука. Сегментот на недвижност, комерцијален елемент, тоа го немаме бидејќи тоа си е сосема друг ресор во државата. Меѓутоа, претставниците на компанијата инсистираа прво на тој сегмент, пред да се реализира делот на филмскиот град“.
Тоа за мене, доде Деспотовски, беше индикатор дека можеби делот на филмски град некако е залепен на целата приказна за да може да се турка побрзо.