Од страна на државата на компанијата на Малкович ѝ било понудено веднаш да се почне со изградба на филмскиот град, дури тоа да го направат домашни компании, а тие само да донесат технологија и да почнат да снимаат. Меѓутоа, од компанијата сакале прво да градат згради и да продаваат станови и деловни објекти. Филмскиот град, според Деспотовски, како да не бил приоритетен, туку залепен за целиот проект за да се турка работата побргу
За да се реализира изградбата на филмски студија или т.н. филмски град во Скопје најавен од светската филмска ѕвезда Џон Малкович, прво од компанијата барале да им се дадат локации за изградба на станбени и деловни згради, кои тие потоа ќе ги продаваат.
Ова го откри директорот на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони Јован Деспотовски, во гостувањето во емисијата „Студио 10“ на ТВ 24.
„Дојдоа и до нас, ни се обратија, имавме еднаш, два пати средби со регионалните претставници на самата компанија. И во самата презентација на проектот има елементи кои не соодветствуваат… Проектот се состоеше од повеќе елементи. Филмскиот град беше само еден од нив. Имаше еден крупен сегмент кој подразбираше развој на комерцијални објекти, дел за домување, дел за деловни намени“,
рече Деспотовски.
Градежната дејност во однос на станбени и деловни згради, вели тој, кај нас е прилично развиена и нема зошто да се даваат привилегии на одредени инвеститори. Но, тоа, според неговите тврдења, било барано од компанијата на Малкович. Од страна на државата, пак, им било понудено веднаш да се почне со изградба на филмскиот град, дури тоа да го направат домашни компании, а тие само да дојдат, да донесат технологија и да почнат да снимаат. Меѓутоа, сакале прво да градат згради и да продаваат станови.
На конкретно прашање дали сакале да градат згради, Деспотовски одговори:
„Ако сакате брутално искрени да бидеме, да. Јас немам проблем тоа да го дискутирам. Понудивме сегментот на филмскиот град веднаш да го реализираме во една од нашите зони. Веднаш, земјиште да лоцираме за таа намена, дури и да обезбедиме контакт со домашни фирми кои биле подготвени тоа да го изградат и да го дадат под наем, само компанијата да дојде, да донесе технологија и да донесе клиенти да се снима тука. Сегментот на недвижност, комерцијален елемент, тоа го немаме бидејќи тоа си е сосема друг ресор во државата. Меѓутоа, претставниците на компанијата инсистираа прво на тој сегмент, пред да се реализира делот на филмскиот град“.
Тоа за мене, додава Деспотовски, беше индикатор дека можеби делот на филмски град некако е залепен на целата приказна за да може да се турка побрзо.
„Не велам дека стојат несериозни луѓе зад проектот, но повторно ќе кажам дека како држава треба да седнеме, а ние мислам дека направивме добро проценка за целата работа, и да процениме дали одредена инвестиција колку и да звучи интересно на почеток, дали реално носи добивка за нас“,
рече Деспотовски.
Филмскиот град, според него, не бил приоритетен за компанијата на Малкович, а на прашањето што е спорно и во тоа да гради згради, Деспотовски вели дека нема ништо нелигитимно, но тоа треба да биде во редовна постапка, а не да им се даде беспари земјиште.
„Ако треба да одделите убаво, фино парче од локација во центарот на градот и да го дадете беспари на некој кој на тоа ќе прави сериозни средства, тогаш се поставува прашањето зошто едноставно тоа не си оди во редовна постапка каде ќе конкурираат и домашни компании“,
рече Деспотовски.
Директорот рече дека не знае дали уште е во игра изградбата на филмски град и вели дека немале контакти со претставниците на компанијата повеќе месеци.