Формално, групата инвеститори се обединети во субјектот „СТП Капитал Партнерс“.Тие велат дека нивниот примарен проект на Качанички пат е наречен „Скопје технолоџи парк“. Според нивниот бизнис предлог, 44% од просторот ќе биде изграден со деловни објекти, 29% со хотели, а 27% со станбени згради. Нема место за филмските студија што ги промовираа Малкович и Дилон. Тие се спореден проект, кој би се градел во слободната економска зона „ТИРЗ 3“, на земјиште од 10 хектари, во близина на скопскиот аеродром
Оваа група на луѓе е група која не прави „мајмунски работи”. Тие се занимаваат со бизнис. Се согласувам дека има опортунисти и измамници, но, ве молам, видете ги биографиите на овие луѓе и кажете ми дали ќе дојдат во Македонија сега по сета стекната слава што ја имаат за да прават валкани бизниси, вели еден од главните протагонисти во проектот Иван Видаковиќ кого го прашавме – дали е можно инвестицијата, спакувана под атрактивно име, да се сведе на станбено-угостителски проект
На почетокот на август светски познатата филмска ѕвезда Џон Малкович ја изненади македонската јавност. Најави изградба на филмски студија со холивудски стандарди во Скопје.
„Решивме проектот да го наречеме „Стоунбриџ Студиос“ во чест на богатата култура и неверојатната историја на народот на Македонија“,
изјави Малкович.
Во изјавата за која на Малкович очигледно му требаше потсетник под камерата, тој како коинвеститори спомна и други актери. Едниот од нив, Мет Дилон, повторно го актуелизираше проектот на почетокот на септември.
„Добра вечер Македонија. Мојот добар пријател и колега Мофет, ме покани да бидам дел од возбудливиот проект на „Стоунбриџ Студиос“ и со нетрпение чекам да го посетам Скопје кога ќе се пробиеме на овој значаен проект“,
изјави Дилон.
Актерите се дел од поголема група и проект кој сака да добие статус на стратешка инвестиција во земјава, а барањето подолг период чека на одлука од Владата. Kој, каде, што и зошто планира да гради во земјава?
Качанички е колоквијалното име на патот по кој се влегува и излегува од северозападот на Скопје. Неговите први километри се протегаат покрај неизградено земјиште кое припаѓа на најголемата касарна во земјава – Илинден. Веднаш потоа се веќе густо изградените село и индустриска зона Визбегово.
Сето ова значи дека неизграденото земјиште во касарната Илинден ги претставува потенцијално најголемите празни парцели за градба, кои се релативно блиску до центарот на Скопје. Токму на овој простор фрлиле око инвеститорите, меѓу кои се и актерите Дилон и Малкович.
Формално, групата инвеститори се обединети во субјектот „СТП Капитал Партнерс“.Тие велат дека нивниот примарен проект на Качанички пат е наречен „Скопје технолоџи парк“. Според нивниот бизнис предлог, 44% од просторот ќе биде изграден со деловни објекти, 29% со хотели, а 27% со станбени згради. Во деловните објекти, инвеститорите планираат изградба на центри за „сајбер безбедност”, бизнис-инкубатори за ај-ти компании, но и ај-ти академии за студенти. Нема место за филмските студија што ги промовираа Малкович и Дилон. Тие се спореден проект, кој би се градел во слободната економска зона „ТИРЗ 3“, на земјиште од 10 хектари, во близина на скопскиот аеродром.
Еден од главните протагонисти во проектот е Србинот Иван Видаковиќ. Вели дека почнале пред две години, дека инвестицијата ќе тежи 200 до 250 милиони евра и дека контактите со македонската влада се од времето на премиерот Зоран Заев.
„Како ја направивме оваа платформа, ние направивме, практично, уникатен проект во координација со Владата со поддршка од поранешниот премиер Зоран Заев, но ова оди и претходно во минатото кога го инициравме првиот чекор. Во тоа време ова беше добар проект, но не мега-проект како што е сега“,
вели Видаковиќ.
Локален бизнис партнер е Неби Хоџа, претседател на Стопанската комора на северозападна Македонија, но тој привремено е надвор од земајва. Причината што проектот постои само на хартија, според инвеститорите, е тоа што Владата одолговлекува со одлуката по нивното барање за доделување на статус за стратешки инвеститор. Пари за инвестициите, вели Видаковиќ, има – иако не кажува во детали и од каде.
„Парите ќе дојдат во координација и синергија со локалните партнери, од нас, од приватни фондови и тогаш партнерите кои би дошле во втората фаза ќе продолжат да инвестираат во проектот. Ова не е проблем, знам дека изгледа дека 250 милиони е многу, но овој проект ќе донесе еден милион за три до четири години“,
изјави Видаковиќ.
Со оглед на фактот што повеќе од половината на технолошкиот парк би биле хотели и станови, го прашавме Видаковиќ – дали е можно нивната инвестиција, спакувана под атрактивно име, да се сведе на станбено-угостителски проект, честа приказна во земјава?
„Оваа група на луѓе е група која не прави „мајмунски работи”. Тие се занимаваат со бизнис. Се согласувам дека има опортунисти и измамници, но, ве молам, видете ги биографиите на овие луѓе и кажете ми дали ќе дојдат во Македонија сега по сета стекната слава што ја имаат за да прават валкани бизниси. Не, тоа не е начинот на кој ние правиме бизнис“,
вели Видаковиќ.
Зошто „СТП Капитал Партнерс“ бара да биде стратешки инвеститор и ја чека Владата, наместо сама да си го купи земјиштето и да гради? Ова прашање му го поставивме и на Видаковиќ, но и на актерот и со-инвеститор Доналд Ворен Мофет, кој е задолжен за делот за филмските студија во ТИРЗ 3.
Ни одговори дека целата инвестиција ќе им биде полесна и поедноставна ако комуницираат само со централната власт, како стратешки инвеститор.
„Штом Владата го одобри проектот и ќе ни даде статус на стратешка инвестиција и земјиштето ќе биде препишано на Иван и партнерите, тогаш јас ќе можам да започнам со собирање финансиски средства за студијата, иако јас веќе започнав со тоа. Клучно е што се уште чекаме да се одобри статусот на стратешка инвестиција. Во моментов, проектот е замислен да биде на 10 хектари од кои на 2,4 хектари би се изградиле студијата“,
вели Мофет.
Но, зошто некој би дошол да снима филмови во Северна Македонија, односно која е логиката да се градат холивудски студија од десетици милиони евра во земјава? Мофет вели – ниски даноци и евтина работна сила.
“Кога некој ќе дојде да работи во ова студио, ова се предностите што ги има. Јас треба да им го презентирам овој пакет на инвеститорите и да им кажам дека доколку сакаат да инвестираат тука, имаат неверојатно ниски плати што треба да ги даваат споредено со остатокот од Европа, имате многу добро едуцирани работници но и добивате огромни даночни бенефит“,
изјави Мофет.
Приказната за филмските студија, која првично е приказна за технолошки парк на Качанички пат, не престанува да добива јавна поддршка. Деновиве 27 филмски и музички уметници упатија писмо за поддршка, меѓу кои Драган Бјелогрлиќ, Мики Манојловиќ и македонскиот актер Тони Михајловски.
Притисокот е насочен кон Владата, каде барањето е доставено пред девет месеци.
„Процедурата и условите за добивање на статус на стратешка инвестиција е иста за сите добиени барања за стратешки инвестиции. Ве информираме дека најдоцна за еден месец ќе има одлука во врска со поднесениот проект. Кога станува збор за локацијата за градба, тоа е одлука на инвеститорот“,
велат од Владата.
Земјиштето крај Качанички пат во најголем дел е државно. Бидејќи е на атрактивна локација, негова евентуално продажба би донела неколку милиони евра во државната каса. Но, ако земјиштето се даде на стратешки инвеститор, нема да има пари од продажба.
Според Законот за стратешки инвестиции, статус на стратешки инвеститор се доделува на инвестиции што можат да придонесат за економски пораст, да поттикнат вработување и примена на нови технологии. Но, пред се, реализацијата да биде од јавен интерес.
Ќе го добие ли Скопје холивудскиот шмек и гламур или, пак, ова ќе биде уште еден проект што не ги оправдал очекувањата и најавите.