Од Министерството за внатрешни работи (МВР) велат дека не смее да се управува со мотоцикл до 125 кубици доколку не се помине теоретската обука и да се обезбеди потврда од автошкола. Обуката трае четири часа и опфаќа клучни теми за безбедноста: заштитна опрема, контрола и стабилност на мотоциклот, превоз на сопатник и справување со ризици на патот

Граѓаните кои поседуваат возачка дозвола од Б-категорија за автомобил, од денеска имаат право да управуваат мотоцикли со автоматски менувач од категоријата А1 со зафатнина на моторот до 125 кубни сантиметри и сила не поголема од 11 киловати. Ова следува по денешното објавување на соодветниот Правилник од страна на Министерството за внатрешни работи во „Службен весник“, со што и официјално стапија во сила измените на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата.
Законските измени беа предложени од пратеничката група на Движење ЗНАМ и поддржани од парламентарното мнозинство, а Собранието ги изгласа со мнозинство уште на 8 април годинава.
За да можат возачите со Б-категорија да управуваат мотор до 125 кубика со автоматски менувач, потребно е да имаат наполнето 23 години возраст, да поседуваат важечка возачка дозвола за управување автомобил најмалку пет години и да поседуваат потврда за помината четиричасовна теоретска обука.
Од Министерството за внатрешни работи (МВР) велат дека не смее да се управува со мотоцикл до 125 кубици доколку не се помине теоретската обука и да се обезбеди потврда од автошкола. Обуката трае четири часа и опфаќа клучни теми за безбедноста: заштитна опрема, контрола и стабилност на мотоциклот, превоз на сопатник и справување со ризици на патот.
По комплетирањето на часовите, од МВР велат дека автошколата издава официјална потврда во А5 формат и го известува МВР, каде ќе се води евиденција за сите издадени потврди врз основа на податоците добиени директно од автошколите.
Пратеникот од ЗНАМ, Павле Арсовски, во своето образложение пред Собранието истакна дека целта на ова законско решение е да се поттикне користењето на поекономични моторни возила и да се намали сообраќајниот метеж.
„Користењето на мотоцикли во сообраќајот претставува една од поевтините варијанти за алтернативен градски превоз. Овозможува поголема флексибилност и практичност, особено во урбаните средини каде сообраќајниот метеж е изразен. Мотоциклите од категоријата А1 зафаќаат помал простор и на патиштата и при паркирање, а придонесуваат и за заштита на животната средина поради минималното испуштање издувни гасови“,
изјави Арсовски потенцирајќи дека нивото на безбедност останува високо токму поради предвидената обука и временскиот услов.
Со оваа законска измена, Македонија се усогласува со европските стандарди. Во Европската унија уште од 2006 година е во сила соодветна Директива на Европскиот парламент и на Советот, која им дозволува на земјите-членки да ја воведат оваа поволност.
Можноста да се управува мотоцикл до 125 кубни сантиметри со возачка дозвола за автомобил се применува во Шпанија, Грција, Португалија, Франција, Австрија, Чешка, Белгија, Луксембург, Словенија и Полска.
