Остануваат на располагање и капацитетите во делот од хируршките клиники кои по потреба ќе бидат отворени во наредните неколку дена
Во текот на денешниот ден ќе се отвори и ковид-центарот на Клиниката за уво, нос и грло каде што ќе можат да се сместат дополнително 50 болни, соопшти Министерството за здравство.
Министерот за здравство Венко Филипче утрово имал средба со директорите на ковид-центрите од комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје на кој се разгледала состојбата со пополнетоста на капацитетите на клиниките и динамиката на отворање нови одделенија за ковид-пациенти.
Вкупно, во комплексот клиники има околу 350 кревети за пациенти со компликации од ковид, распоредени на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби и на интерните клиники – Клиниката за дерматовенерологија, Клиниката за очни болести, Клиниката за нефрологија, Клиниката за гастроентерохепатологија и Клиниката за неврологија (190 кревети) , како и на Институтот за белодробни заболувања и ТБЦ. Дополнително 110 кревети има во ГОБ „8 Септември“ и 40 на Институтот за белодробни заболувања кај деца Козле.
Остануваат на располагање и капацитетите во делот од хируршките клиники кои по потреба ќе бидат отворени во наредните неколку дена.
Од Министерството посочуваат дека иако пополнетоста на капацитетите е висока, постојано се прават исписи на пациенти и слободни места има.