Заедничката седница на владите на С Македонија и на Бугарија заврши со групна фотографија на скали во вилата „Бојана“ и со констатација дека има волја за напредок во меѓусебните односи
Со групна фотографија од холот во вилата „Бојана“ во Софија заврши денешната заедничка седница на владите на Северна Македонија и на Бугарија. Македонскиот премиер, Димитар Ковачевски му се заблагодари на гостопримството на неговиот бугарски колега Кирил Петков и рече дека за шест месеци очекува конкретни резултати за шест месеци во сите области за кои се формираа работни групи меѓу двете земји.
„Денеска имавме успешна и плодна седница на двете влади. Ги формиравме петте работни групи и започнуваме со реализација на проекти од интерес на граѓаните на двете земји. Ваквата соработка ќе значи зближување на двете држави и конкретни придобивки за поквалитетен живот на нашите граѓани. Она што сакам да го истакнам е дека членови и копретседавачи на овие групи во најголем дел се министрите во двете влади. Со тоа обезбедуваме силна политичка поддршка за имплементација на зацртаните проекти, која ќе резултира со силен интензитет и брза реализација. Очекувам веќе за шест месеци во сите области да покажеме конкретни резултати“,
напиша Ковачевски на Фејсбук.
Според него, постои волја кај двете страни за напредок во меѓусебните односи.
„Денешните средби со премиерот Петков и министрите од двете влади, ме уверија дека постои волја кај двете страни за брз напредок во меѓусебните односи. Јас и Кирил сме нови премиер, и имаме одговорност, но и силна желба да успееме во оваа наша амбиција. Уште еднаш му се заблагодарувам за гостопримството и силно верувам дека ова ново поглавје во односите меѓу нашите две пријателски земји ќе донесе напредок, развој и долгорочни придобивки за двата народи“,
оцени Ковачевски.
Во рамки на меѓувладината седница се потпишаа неколку билатерални договори за соработка од различни области. Освен договорите од инфраструктурниот сектор, потпишан е и Меморандум за разбирање и соработка во областа на земјоделството, аграрни науки, селските реони и шумското стопанство, како и Меморандум за разбирање помеѓу ИАНМСП и Агенцијата за поттикнување на претприемништвото на РСМ.
Паралелно, се одржаа и одделни состаноци на работните групи утврдени за време на официјалната посета на Петков на Скопје. Заедничката комисија за историски прашања, пак, ќе има нов режим на работа, со договорени три официјални средби во следните четири месеци.
Ковачевски, на заедничката прес-конференција со Петков, во одговор на новинарско прашање за вметнување на Бугарите во македонскиот Устав, истакна дека граѓани со посебна определба може да побараат да бидат впишани во Уставот, но тоа е процес кој вклучува повеќе чекори.
„Во нашиот Устав, освен македонскиот народ, има и албански народ и други заедници кои се дел од Уставот, и нормално, други граѓани во државата кои се самоопределуваат на друг начин може да побараат да бидат дел од Уставот на РСМ“,
изјави Ковачевски.