Димитриевска во 2018 година остана без својот 32-годишен сопруг и плодот во неа, откако возачот на џип „ситроен“ недозволено поминал преку двојна полна линија на коловозот и удрил во младиот брачен пар
Една недела по операцијата на десната нога, Наташа Димитриевска, со патерици излезе на протест пред судовите во Скопје да бара правда за нејзиниот сопруг, Гоце Димитриевски кој пред две години загина во сообраќајката кај „Млечен“, а виновникот доби условна казна.
Димитриевска која ја чекаат уште операции за да закрепне од повредите во сообраќајката во која го загуби и плодот, за „360 Степени“ вели дека борбата за правда нема да престане.
Очекува условната казна за виновникот кој со џип недозволено поминал преку двојна полна линија на коловозот и удрил во младиот брачен пар, да ја промени Апелациониот суд.
„Беше многу тешко за мене денеска да застанам на нозе, но благодарение на организаторите на протестот учествував и јас. Наредниот протест ќе биде уште помасовен, а јас лично ќе го свикам. Правда мора да има затоа што во државата секој ја префрла топката и никој не сака да понесе одговорност дека немаме независно судство и правосудство. Надежта сега е единствено во Апелациониот суд. Но, покрај борбата за правдата за Гоце и за мене, се бориме за правдата на сите. Затоа што ова може секому да му се случи, а не секој ќе има храброст за ваква бобра против институциите“,
вели Димитриевска.
На протестот кој го организираа мото-клубови, порача дека ова не е битка само за Гоце, туку за почитување на сообраќајни прописи и спроведување судски одлуки. Освен моторџии, имаше и други граѓани кои се приклучија на протестот со своите автомобили.
Димитриевска претходно иницираше постапки против надлежната првостепена судијка и против обвинителката која го водеше случајот. Судскиот совет сѐ уште ја разгледува претставката против судијката, а во понеделникот Советот на јавни обвинители ја „ослободи“ колешката од каква било одговорност.
„Многу сум разочарана, затоа што на толку темелно обработена претставка тие ми дадоа одговор краток дека обвинителката постапила законски, без одделни образложенија. Додека се бориме за правда во државата и судијата и обвинителката си седат дома и си уживаат во предновогодишните празници. Со каква совест не знам“,
вели Димитриевска за „360 Степени“.
Случајот „Млечен“ во моментов е на одлучување пред Апелациониот суд-Скопје, кој треба да одлучи по жалбата на обвинителството.