Обвинителката Снежана Бундалевска-Ѓорѓиевска го водеше предметот кој заврши со условна казна за возачот на џип, кој удри во млад брачен пар на мотор, при што сопругот загина, а сопругата го загуби плодот и едвај преживеа
Советот на јавни обвинители одлучи дека нема место за преземање никакви дејствија против Снежана Бундалевска-Ѓорѓиевска. Јавната обвинителка го водеше предметот за сообраќајката кај „Млечен“, во кој загина 32 годишниот Гоце Димитриевски, а неговата бремена сопруга, Наташа, го загуби плодот и едвај преживеа.
Токму Наташа ја поднесе и претставката до Советот. Според неа, во целиот случај има низа пропусти од страна на обвинителството. Самата постапка, вели, се водела предолго и не е направена соодветна квалификацијата на делото, односно обвинителката навела дека тоа е сторено од небрежност. Дополнително, како што вели, таа не повела постапка против осудениот за неукажување помош при сообраќајна незгода, а во обвинението не било запишано ниту дека во сообраќајката таа го изгубила плодот.
„Обвинителката Снежана Бундалевска-Ѓорѓиевска сторила тешка дисциплинска повреда со оглед дека намерно и неоправдано направила крупна професионална грешка со тоа што не ги набавила медицинските документи за загубата на мојот плод како резултат од случената сообраќајна незгода и него внела во диспозитивот на обвинението; Наредбите за вештачење не се целосни за утврдување на видот и карактерот на повредите; Не го товари обвинетиот за кривично дело неукажување помош на лице повредено во сообраќајна незгода; Обвинетиот го товари дека делото го сторил од небрежност, а делото е сторено од умисла со оглед дека на местото на незгодата умислено презел дејствие на вртење во лево иако е забрането, има знак и две дупли линии“,
ова се дел од забелешките на Димитриевска во нејзиниот допис до Советот на јавни обвинители.
Совет на ЈО: Постапено е согласно законските прописи
Во одговорот кој денеска го добила Наташа Димитриевска, прво се објаснува дека Советот на јавни обвинители побарал мислење од Вишото јавно обвинителство Скопје. Како надлежен надзор над Основното јавно обвинителство Скопје, повисокото обвинителство направило увид во наведениот предмет. Заклучокот од увидот бил дека:
„…по конкретниот кривичен предмет е постапувано правилно и согласно законските прописи и, во конкретниот случај, јавно-обвинителските одлуки се носени откако се прибавени сите докази, информации и известувања кои јавниот обвинител сметал дека се потребни за правилно и законито одлучување“,
се вели во одговорот на Советот на јавни обвинители до Наташа Димитриевска.
Врз основа на мислењето на Вишото јавно обвинителство, Советот одлучил дека нема место за преземање некакви дејствија.
Подносителката на претставката, Наташа Димитриевска, искоментира дека обвинителите се штитат меѓусебе.
Се чека на Апелација
Кога беше објавена првостепената, условна пресуда, случајот „Млечен“ ја возбуди домашната јавност. Причината беше што виновник за сообраќајна незгода со смртни последици не е осуден на казна затвор. Но, според истражувањето на „360 степени“, пресудата кај „Млечен“ не е исклучок туку правило.
Односно, во најголемиот дел од случаите кога виновниот возач признал вина и не бил под дејство на алкохол, казната била или условна или до една година затвор, дури и кога бил прегазен пешак на пешачки премин.
Ваквите заклучоци доведоа и до поширока реакција, која кулминираше со ветувањето на министерот за правда, Бојан Маричиќ, дека ќе иницира и законски измени.
Но, првата „редовна“ реакција на првостепената пресуда за „Млечен“ треба да ја даде судот. Поточно, Апелациониот суд во Скопје, кој пред себе ја има жалбата на обвинителството за условната осуда која ја досуди Основниот суд во Скопје.