Обвинителството на денешното рочиште побарало сведокот Владо Петковски, инаку директор на Секторот за игри на среќа во „Државна лотарија, да биде вкрстено испитан, оценувајќи дека поради дадените одговори повеќе не може да се смета за сведок на странката што го предложила
По завршувањето на рочиштето, бранителот на Артан Груби, адвокатот Гоце Ристески, во изјава за медиумите оцени дека исказот на сведокот во целост ја потврдил тезата на одбраната дека неговиот клиент во конкретниот случај не сторил никакви незаконски дејствија
Првиот сведок на Обвинителството во предметот „Државна лотарија“, во кој првообвинети се ексдиректорот на државната компанија Перпарим Бајрами и поранешниот прв вицепремиер Артан Груби, наместо одговори што ги очекуваа обвинителите даде исказ кој оди во прилог на одбраната.

Како што пренесоа медиумите, сведокот Владо Петковски, вработен во „Државна лотарија“ од декември 2017 година и актуелен директор на Секторот за игри на среќа, при директното испрашување од Обвинителството рекол дека по доаѓањето на поранешниот генерален директор Перпарим Бајрами биле иницирани повеќе нови проекти за развој на портфолиото и зголемување на профитот на компанијата.
Сведокот одговарал на прашања од Обвинителството за формирањето на „Ново ВЛТ“, интернет-платформата „Мегавин.мк“ и иницијативата за самостојно приредување електронски игри на среќа.
За набавката на видеолотариските терминали Петковски пред судот кажал дека во постапката имало физибилити студии, мислења од владини институции и финансиски план врз основа на што била спроведена јавна набавка на апаратите.
Прашан за потеклото на идејата за овие проекти, тој изјавил дека тие биле предмет на дискусија на колегиумите на раководството.
„Идејата се дискутираше на колегиумите кои ги водеше директорот Перпарим Бајрами. Имаше многу идеи за проактивни проекти, но тие требаше да се проверат најверојатно со релевантни институции на Владата за да се знае законитоста и можноста да се пристапи кон нив“,
рекол тој, пренесе МИА.
Тој во директното испитување од Обвинителството изјавил дека не може да каже кои биле причините за смената на поранешната директорка Катица Николовска-Прнакова, ниту дека има непосредни сознанија за тогашните односи меѓу обвинетите Перпарим Бајрами и Артан Груби.
Во текот на рочиштето, јавното обвинителство побарало сведокот да биде вкрстено испитан, оценувајќи дека поради дадените одговори повеќе не може да се смета за сведок на странката што го предложила, прогласувајќи го со тоа за „непријателски сведок“. И покрај противењето на дел од бранителите на обвинетите, судот, сепак го прифатил барањето за вкрстено испрашување, но и во него сведокот негирал оти има сознанија за тоа дали Перпарим Бајрами бил назначен со цел да ги реализира проектите поврзани со самостојно приредување игри на среќа и формирање нови друштва.
Од Обвинителството беше напоменато дека и Петковски бил осомничен и оти двапати бил повикан на испрашување во Јавното обвинителство.
На прашање дали му е познато дека Бајрами му кажувал оти без одобрение од Артан Груби не носи одлуки или дека за секоја одлука се консултирал со него, Петковски одговори дека не знае. Тој негираше и дека присуствувал на средба меѓу Бајрами и Груби на бензинска станица во Карпош во текот на 2024 година.
По завршувањето на рочиштето, бранителот на Артан Груби, адвокатот Гоце Ристески, во изјава за медиумите оцени дека исказот на сведокот во целост ја потврдил тезата на одбраната дека неговиот клиент во конкретниот случај не сторил никакви незаконски дејствија.
„Сведокот го потврди она што се случувало во рамките на „Државна лотарија“, дека сè било согласно закон, така што зошто Обвинителството го прогласи за непријателски сведок, сепак, нив треба да ги прашате. За мене немаше причина за такво нешто“,
изјави Ристески.

Ексдиректорот на Лотарија Перпарим Бајрами, поранешниот прв вицепремиер, Артан Груби,, поранешниот генерален секретар на Владата, Методија Димовски и поранепните членови на Надзорниот одбор на Лотарија – Скендер Мехмети, Бојан Јанев, Фатмир Рамадановски, Александар Димитриоски и Башким Авди, се товарат за злоупотреба на службената положба и овластување, во врска со противзаконска набавка на видеолотариски темринали за приредување електронски игри на среќа. Имено, според обвинението, обвинетите во текот на 2023 и 2024 година ги пречекориле границите на своите службени овластувања, иако знаеле дека АД „Државна лотарија“ нема право самостојно да приредува електронски игри на среќа на видеолотариски терминали. На едно од претходните рочишта Обвинителството направи допрецизирање на обвинителниот предлог, според кое наместо за штета од 507 623 173 денари или 8,2 милиони евра, обвинетите сега се товарат за штета од околу 9,7 милиони евра или 596 125 511 денари.
