Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје издал наредби и насоки за расчистување на настанот и за прибирање на доказите во врска со опожареното возило во Чаир, кое го користел вицепремиерот Артан Груби. Од Обвинителството велат дека меѓу преземените дејствија, издадена е наредба да се обезбеди и документацијата за начинот и времето на стекнување, сопственоста и користењето на возилото.
„Надлежен орган да ја евидентира и следи имотната состојба на избраните и именуваните лица, како и да врши проверка на податоците во изјавите за имотната состојба е Државната комисија за спречување на корупцијата. Доколку проверките упатуваат на елементи на кривично дело кое се гони по службена должност, обвинителството ќе постапи согласно своите законски надлежности“,
наведуваат од Обвинителството.
Вчера повеќе медиуми објавија дека во скопската населба Чаир било запалено возилото на првиот вицепремиер Артан Груби. Во полиција инцидентот го пријавил Б. Л., кој се води како сопственик на возилото марка „ауди“.
Неколку часа по објавите на Фејсбук се огласи и Груби кој изрази жалење и извинување за соседите, како и за семејството на пријателот-сопственик на возилото. Груби не демантираше дека тој го користел возилото, а инцидентот го толкуваше како порака до него.
„Им се извинувам на сите мои соседи во мојата населба за големото вознемирување синоќа пред нашата зграда само поради мојата професија. Исто така, им се извинувам на мојот пријател и неговото семејство за предизвиканата штета само поради мојата професија. Во политиката сум за да служам и да оставам трага со работа и дела, а не да ми се тероризира семејството, соседите и пријателите”,
порача Груби.
Осуда за случајот стигна од повеќе функционери и сопартијци на Груби, а денеска реакција испратија и од Владата.
„Безбедноста е врвен приоритет во едно демократско општество. Чинот на палење на возилото кое го користел вицепремиерот Груби е акт на насилство и е целосно неприфатлив и недозволив во едно демократско општество кое се залага за европски вредности“,
реагираат од Владата.