Од Обвинителството информираат дека во текот на предистражната постапка биле обезбедени докази дека во периодот од 26 јануари до 12 јули 2022 година, првиот осомничен како службено лице – директор на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони во Скопје, заедно со уште седум други лица кои му овозможиле на едно правно лице да прибави противправна имотна корист која надминува значителна вредност од 622 981 190 денари

По пријава од Управата за финансиска полиција, Основното јавно обвинителство Скопје оформи предмет и поведе постапка против осум кои се осомничени дека како соизвршители сториле кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување по член 353 од Кривичниот законик.
Од Обвинителството информираат дека во текот на предистражната постапка биле обезбедени докази дека во периодот од 26 јануари до 12 јули 2022 година, првиот осомничен како службено лице – директор на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони во Скопје, заедно со уште седум други лица му овозможиле на едно правно лице да прибави противправна имотна корист која надминува значителна вредност од 622 981 190 денари.
„Првиот осомничен заедно со три службени лица задолжени за спроведување на управната контрола при Бирото за јавни набавки и уште четири лица од Државната комисија за жалби по јавни набавки, со неизвршување на нивната службена положба, му овозможиле на едно правно лице да прибави противправна имотна корист која надминува значителна вредност од 622.981.190 денари“,
се наведува во денешното соопштение од Обвинителството.
Од Обвинителството велат дека првиот осомничен, по претходно донесена одлука, објавил оглас за јавна набавка за изградба на основна внатрешна инфраструктура за ТИРЗ Штип и ТИРЗ Струмица.
На објавениот оглас во предвидениот законски рок се јавиле два заинтересирани економски оператори кои доставиле понуди со предвидените критериуми. Една од компаниите понудила повисока цена, но драстично пократок рок на изведба на работите во календарски денови, врз основа на што таа била избрана за изведувач.
Трите лица од Бирото за јавни набавки кои биле во Комисија за вршење управна контрола, не извршиле контрола на исполнетоста на условите од тендерската документација по однос на техничката и професионална способност за изведување на предвидените работи, како и по однос на рокот на изведба на работите како критериум за квалитет.
Тие, како што велат од Обвинителството, не ги увиделе неправилностите и до Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони Скопје, доставиле записник од извршена управна контрола со дадено мислење дека договорниот орган може да продолжи со постапката за јавна набавка.
Втората компанија што учествувала во постапката поднела жалба до Државната комисија за жалби по јавни набавки, но таму претседателот и три члена го игнорирале доставениот стручен наод и мислење од вешто лице од областа на градежништвото кој бил основа за жалбените наводи.
Тие донеле решение со кое жалбата на другиот економски оператор ја одбиле поради неоснованост.
„На тој начин Дирекцијата склучила договор со избраната фирма за изградба на основна внатрешна инфраструктура за ТИРЗ Штип и ТИРЗ Струмица со рок на изведба од 120 календарски дена од моментот на воведување во работа“,
се додава во соопштението.
Според Обвинителството, два месеца по почетокот на работите, осомничениот директор потпишал анекс-договор со кој ја зголемил вредноста на основниот договор за 84 688 628 денари или 19,77 отсто од основниот договор и дополнително го продолжил првичниот рок за изведба на работите.
Три месеци подоцна тој потпишал и втор анекс-договор со кој ја зголемил вредноста на основниот договор за дополнителни 34 921 240 денари и уште еднаш го продолжил рокот за изведба на работите.
„Кога фирмата не го испочитувала дадениот рок од 120 календарски дена за изведба, кој бил најважен услов за добивање на зделката, осомничениот директор не презел службени дејствија во насока на раскинување на Договорот за јавна набавка, активирање на доставените банкарски гаранции и наплата на договорна казна преку пенали за доцнењето при изведбата“,
велат од ОЈО.
Со неизвршување на нивната службена должност, осомничените придонеле правното лице да ја добие јавната набавка врз основа на нереално низок понуден рок за изведба кој фирмата не успеала да го реализира, а со значително повисока цена од нејзиниот конкурент, па на тој начин тие за правното лице прибавиле противправна имотна корист.
Јавен обвинител до Кривичен суд доставил барање за привремено одземање на имот и предмети на кои правното лице застапувано од неговиот управител е краен корисник, а што се прибавени со стореното кривично дело, заради нивно обезбедување со цел идна конфискација.
Од Обвинителството велат дека предлагаат замрзнување – хипотека на недвижен имот во Карпош и Кисела Вода, забрана за располагање со средства од четири трансакциски сметки од кои три се на физичко и една на правно лице, како и забрана за располагање со подвижен имот во сопственост на правното лице како што се две патнички, осум товарни возила, кипери и градежна опрема.
Освен ова, по предлог на јавниот обвинител, Судот му го одзеде пасошот на осомничениот кој во моментот на сторување на делото ја извршувал функцијата директор на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони Скопје.
Од Основното јавно обвинителство Скопје, во саботата одговарајќи на новинарски прашања, информираа дека против Јован Деспотовски води претходна постапка поради постоење на основано сомневање за сторено кривично дело – злоупотреба на службената положба и овластување по член 353 од Кривичниот законик.
Подоцна од скопскиот Кривичен суд рекоа дека го прифатиле барањето на Основното јавно обвинителство – Скопје за одземање на патната исправа и обврска повремено да се јавува во судот за поранешниот директор на ТИРЗ, Јован Деспотовски.
Оттаму нагласија дека осомничениот самиот доброволно дошол во Судот за да се произнесе по однос на предлогот на ОЈО.