По претходен договор, осомничениот и неговиот соизвршител маскирани пристигнале во туристичкиот комплекс каде што била сместена жртвата и се приближиле до отворената задна балконска врата. Осомничениот од огнено оружје, пиштол „црвена застава“ со калибар 7,65 мм со придушувач, испукал 11 куршуми, а неговиот соучесник со пиштол од ист калибар уште 8 куршуми во правец кон оштетените, велат од ОЈО Скопје
Основното јавно обвинителство Скопје поведе истрага против македонски државјанин за убиството на Орхан Бајрами во Ханиоти минатата година. Како што соопшти ОЈО, осомничениот 33-годишник, на 15 јули 2023 година, во Ханиоти, Република Грција, заедно со уште едно засега непознато лице, со умисла го лишиле од живот Бајрами, а ги довеле во опасност и животите на уште четири лица.
„По претходен договор, осомничениот и неговиот соизвршител маскирани пристигнале во туристичкиот комплекс каде што била сместена жртвата и се приближиле до отворената задна балконска врата. Осомничениот од огнено оружје, пиштол ‘црвена застава’ со калибар 7,65 мм со придушувач, испукал 11 куршуми, а неговиот соучесник со пиштол од ист калибар уште 8 куршуми во правец кон оштетените. Од куршумите, три завршиле во телото на сега починатиот нанесувајќи му смртоносни повреди“,
се наведува во соопштение од Обвинителството.
Од Обвинителството додаваат и дека грчките истражни органи имаат издадено налог за апсење на осомничениот, како и европски налог за апсење и меѓународна потерница поради сомненија за кривични дела – намерно убиство со соучесништво и обид за сериско и соучесничко убиство на територијата на Република Грција.
„Со оглед на тоа што станува збор за македонски државјанин за кого не постои можност за екстрадиција, врз основа на инструментите за меѓународна правна соработка, грчките власти му го отстапија кривичното гонење на Основното јавно обвинителство Скопје. Јавниот обвинител до Основниот кривичен суд во Скопје достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот“,
додаваат од ОЈО Скопје.
