Основното јавно обвинителство отвори предмет за фасадата на АД МЕПСО од 11 милиони евра, која пред два дена попушти од силниот ветар и се урна во дворот оштетувајќи и службени автомобили.
Предмет е отворен по допрен глас, а надлежниот јавен обвинител побарал од Министерството за внатрешни работи да обезбеди целосна документација за проектот насловен „Реконструкција и адаптација на зградата“.
„Обвинителството ќе испитува дали квалитетот на градбата соодветствува со барањата содржани во јавната набавка, како и за текот на надзорот при спроведување на изведбата. По добивањето и анализа на вештачењето, ќе биде донесена јавнообвинителска одлука за понатамошниот тек на постапката“,
стои во соопштението на обвинителството.
Ревизија на проектот за кој како изведувач беше ангажирана фирмата „Бетон Штип“ вчера најави и генералната директорка на МЕПСО, Ева Шуклева, која порача дека има делови во зградата кои и без ветар можеле да се урнат. Поради повеќе пропусти во изградбата, Шуклева изјави дека е активирана и банкарската гаранција пред фирмата да оди во стечај.
Со реакција излезе и градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, кој посочи дека објектите од проектот „Скопје 2014“ не се безбедни и вети дека ќе се бара трајно решение по изборите.
Поврзани вести:
Стиропорот на „Скопје 2014“ не ги издржа налетите на силниот ветер
МЕПСО брои штети откако ветрот ја откорна фасадата од 11 милиони евра