ОЈО Скопје ќе ги испитува изјавите што по несреќата ги дадоа возачот на автобусот, но и претставници на Конфедерацијата на синдикални организации (КСОМ), оти автобусот бил технички неисправен и дека и покрај неколкуте алармирања, возилото повторно било пуштано во сообраќај како исправно
Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје отвори предмет во врска со сообраќајната несреќа што минатата недела се случи во центарот на Скопје, кога двокатен автобус на ЈСП „Скопје“ удри во жардиниера.

Обвинителството ќе ги испитува изјавите што по несреќата ги дадоа возачот на автобусот, но и претставници на Конфедерацијата на синдикални организации (КСОМ), оти автобусот бил технички неисправен и дека и покрај неколкуте алармирања, возилото повторно било пуштано во сообраќај како исправно.
„За таа цел е ангажирано вешто лице од областа на машинството и издадена е наредба за преземање мерки до МВР – Биро за јавна безбедност да обезбеди податоци и документација од ЈСП ‘Скопје’ во однос на одржувањето, сервисирањето и исправноста на автобусот, како и организацијата на работниот процес. Согласно наредбата, во присуство на вештото лице ќе се изврши проверка на исправноста на автобусот“,
информираат од скопското обвинителство.
Дадени се насоки да се извршат и разговори со лица кои имаaт сознанија за настанот.
Сообраќајната несреќа во која двокатен автобус на ЈСП „Скопје“ удри во жардиниера кај Трговскиот центар „Мавровка“ се случи минатиот понеделник. Во несреќата полесно повредени беа возачот и двајца патници.
Еден ден подоцна, возачот на автобусот во изјава за медиумите кажа дека несреќата е како резултат на неисправноста на возилото поради која изгубил контрола над воланот и удрил во жардиниерата. Посочи оти во неколку наврати била алармирана неисправноста на автобусот, но и покрај тоа тој бил пуштан во сообраќај.