Поранешниот француски претседател, кој беше на функција од 2007 до 2012 година, беше осуден на почетокот на март на три години затвор, од кои две уловно, за корупција и тргување со влијание
На судењето во Париз, Обвинителството побара шест месеци затвор за поранешниот претседател на Франција, Никола Саркози, за кршење на правилата за финансирање на неговата предизборна кампања во 2012 година.
На судењето во вторникот, Саркози ги отфрли обвинувањата за незаконско финансирање на неговата кампања, тврдејќи дека трошоците не биле негова одговорност, додека обвинителите тврдат дека партијата на Саркози потрошила скоро двојно повеќе од 22,5 милиони евра дозволени со закон, пренесува АФП.
Тој пред судот рече дека не учествувал во логистиката за време на кампањата и дека не знае како се трошат парите на предизборните митинзи.
„Никола Саркози очигледно не жали за ништо затоа што дојде само на едно рочиште. Овој начин на размислување за себеси како над законот, како да не е граѓанин, е ист како за време на претседателската кампања“,
изјави обвинителката Ванеса Пери пред судот.
Поранешниот француски претседател Никола Саркози, кој беше на власт од 2007 до 2012 година, беше осуден на почетокот на март на три години затвор, од кои две уловно, за корупција и тргување со влијание, што го прави втор шеф на државата кој е осуден по Жак Ширак во 2011 година.
Заедно со Саркози беа осудени и неговиот адвокат Тиери Херцог и поранешниот судија Гилберт Азибер како обвинети во случајот и добија три години затвор.