Основното јавно обвинителство (ОЈО) Струга побара казни за три лица од 5 000 до 7 000 евра за палењето на знамето на Република Бугарија за време на карневалот во Вевчани.
Тие се обвинети за повреда на угледот на странска држава.
„Обвинетите, на 14 јануари, за време на самоиницијативниот собир на граѓани по повод верскиот празник Св. Василиј во Вевчани, со намера за исмејување јавно го изложиле на подбив знамето на Република Бугарија. Еден од нив го запалил знамето, а останатите двајца го кревале и замавнувале со запаленото и подгореното знаме“,
велат од ОЈО Струга.
Казна од 7 000 евра се бара за првиот обвинет, односно за лицето што го запалило знамето, а за останатите двајца казни од по 5 000 евра.
Поради пандемијата, надлежните институции официјално го одложија Вевчанскиот карневал, но дел од граѓаните самоиницијативно се организираа за традиционално да го одбележат празникот Св. Василиј.
Палењето на бугарското знаме предизвика и остра реакција од официјална Софија. Бугарската влада упати вербален демарш, за што тогаш информираше бугарската министерката за надворешни работи Екатерина Захариева. Таа посочи дека на амбасадорот на Република Бугарија, Ангел Ангелов, му е порачано да го изрази пред Владата на Република Северна Македонија нивното силно негодување за тој чин.
И македонското Министерство за надворешни работи го осуди палењето и оцени дека ваков чин е штетен по угледот на државата.
ОЈО Струга, пак, отвори предмет врз основа на кој денеска ги побара казните.
*Поврзани вести:
