Мотивот за таквиот начин на апсење, рече Лапе, бил политички реваншизам поради различни политички ставови
При апсењето на Љубе Бошкоски на 6 јуни 2011 година, еден ден по тогашните парламентарни избори, имало мачење. Тој не давал отпор, а била употребена полициска сила, бил легнат наземи во близина на полски тоалет кај ресторанот „Воденица“ во Скопје, бил враќан за да го снимаат телевизиските камери со цел јавно да го омаловажат, а сето тоа предизвикало психичко страдање.
Вака во неколку реченици може да се сумира дел од завршните зборови на обвинителот Љубомир Лапе, кој ги дава денеска во Основниот кривичен суд во Скопје за случајот „Тортура“, каде што на обвинителна клупа седат поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков и шестемина припадници на полициските „алфи“, кои се обвинети за делото мачење и друго сурово, нечовечко или понижувачко постапување и казнување.
Мотивот за таквиот начин на апсење, рече Лапе, бил политички реваншизам.
„Преовладувачки начин на извршување е политичката дискриминација, основниот мотив бил предизвикување страдање поради политичка определба, популарно наречено политички реваншизам“,
рече Лапе.
Докажувајќи ја својата теорија на случај, обвинителот направи анализа на доказите делејќи ги на неколку групи. Првата група докази што ја анализираше беа оние што се однесуваат на душевното страдање и тука го посочи вештачењето од двајца психијатри кои заклучиле дека апсењето од 6 јуни 2011 било стресен настан за Бошкоски со силен интензитет, кој го рангирале од висок степен еднаков на стресот што се доживува при смрт на близок член на семејството. Како што одминувало времето, интензитетот на душевното страдање се намалувал. Лапе го потенцираше и сведочењето од затворскиот психијатар, кој кажал дека Бошкоски имал посттрауматско растројство, дури и суицидни идеи на почетокот, а потоа, слично како во случајот со вештачењето, тој рекол дека со текот на времето интензитетот на душевното страдање се намалувал.
Обвинителот понатаму ги анализираше снимките, полициските извештаи од акцијата на апсење и „бомбите“, со цел да ја побие одбраната на обвинетите и да ја докаже нивната кривична одговорност.
„Зарем има подобар доказ за тоа од изведената снимка? Секако ќе беше подобро да беше изведена целата. Јасно се гледа дека е монтирана“,
рече Лапе и наведе дека смета оти снимањето го вршела УБК со која во тој период раководел обвинетиот Мијалков.
За да ја докаже оваа теза, обвинителот потенцира дека Бирото за јавна безбедност (БЈБ) и Одделот за организиран криминал посочиле дека кај нив не постојат видеоснимки од апсењето.
„Зошто е заматена и сечена снимката? Логичен заклучок е дека има нешто што не треба да се види. Но, одговорот е во разговорот помеѓу тогашниот портпарол на МВР, Иво Котески и министерката Гордана Јанкулоска, во кој портпаролот кажува дека има дека на снимките имало некои понасилни сцени, а таа кажува да се дадат поненасилните“,
рече Лапе.
Тој потсети со конкретен цитат и наведе дека се слуша како Котески кажува дека „му бутнале пиштол во уста“, а Јанкулоска наведува тие сцени да не се даваат.
Анализирајќи ја снимката што е достапна, Лапе рече дека од неа јасно се гледа дека не е точно дека Бошкоски давал отпор при апсењето.
„За време на апсењето не се држел за возилото со двете раце, како што се бранеа обвинетите. Се гледа дека во една рака држи мобилен телефон. Толку од одбраната дека давал отпор со држење за кровот од возилото кое патем не ни има кров“,
рече Лапе и прашува како е можно во таков случај да Бошкоски да се држи за мазен кров.
Тој рече дека обвинетите „алфи“ извештаите за употреба на полициска сила ги изготвиле сами и напишале дека оправдано употребувале сила, а сите зборувале едно исто, како научен диктат.
„Ниту еден од нив не напишал дека го легнале Бошкоски на земја и дека тоа е снимено со камера. Како да не се случило, како да не гледале тогаш ни телевизија. Продуцирале еден куп документација, навеле сè и сешто, но никој не го наведува тоа дека бил легнат на земја. Тоа за обвинетите воопшто не се случило и нема потреба да се напише“,
рече Лапе.
Анализирајќи ги настаните, обвинителот цитираше и дел од навредите и заканите што му биле упатени на Бошкоски, како: „Пи*ка ти материна“, „Ти дојде моментот“ …
Рочиштето со завршните зборови е во тек.