Обвинителката Лиле Стефанова на денешното судско рочиште за предметот „Плацови на Водно“ продолжи да ги презентира материјалните докази со кои располага обвинителството, а најголем дел од денеска презентираните се однесуваа на фирми поврзани со бизнисменот Јордан Камчев, кој е меѓу обвинетите.
Меѓу документите што ги презентираше Стефанова се однесуваа на изјави за основање, запишување на управители, дејности на фирмите итн.
Адвокатите на бизнисменот Камчев приговараа дека за дел од доказите не им се презентирани наредби за нивно прибирање, па прашуваа дали се прибавени на легален и легитимен начин или можеби се обезбедени во рамки на друга истрага, а не за „Плацови на Водно“.
Судијата Илија Трпков, кој е претседател на судечкиот совет, пак, рече станува збор за докази што се доставени со списокот на докази на обвинителството и нема да ги издвојува и оти во текот на постапката ќе ја цени нивната релевантност.
Материјални докази на обвинителството ќе се презентираат и на наредните неколку рочишта, по што се очекува да се почне со сослушување на сведоците.
Покрај Јордан Камчев, во „Плацови на Водно“ на обвинителна клупа седат и неговата мајка, Ратка Куновска-Камчева, Сашо Мијалков, Ристо Новачевски и Ненад Јосифовиќ. Првообвинет е експремиерот Никола Груевски, кој избега во Будимпешта и нему му се суди во отсуство.
Според обвинението, во периодот од јуни 2006 до октомври 2012 година, Груевски како лидер на партија наместо да прикаже пари како примени донации во ВМРО-ДПМНЕ, за себе прибавил 1,3 милиони евра (79 972 140 денари), а потоа ги пуштал во оптек и купувал парцели на Водно. Станува збор за земјиште на кое имало шума, а кое со промените во Генералниот урбанистички план (ГУП) било пренаменето во градежно. Покрај имотот на Водно, обвинението опфаќа и два стана во главниот град и две парцели во Крушево за кои обвинителството тврди дека се прикривал вистинскиот сопственик односно Груевски. За сиот имот што е опфатен со обвинението обвинителството бараше и конфискација, а според сумите кои ги објави обвинителство за кои биле купени или колку се проценети парцелите и становите, нивната вкупна вредност е околу 1,5 милиони евра. Во шемата на купување, според она што го соопшти обвинителството со поднесување на обвинителниот акт, вмешани се фирми со кои се поврзуваат дел од обвинетите, меѓу кои и офшор-компанија.
Груевски е обвинет за делата перење пари и противправно стекнување и прикривање на имот. Камчев, неговата мајка, како и Новачевски и Јосифовиќ се товарат за перење пари, додека Мијалков е обвинет за помагање во делото перење пари.