Обезбедениот доказен материјал, како што велат од Обвинителството, покажал дека првообвинетиот при тепачка испукал куршум од пиштол и го погодил оштетениот во левата потколеница. Оштетениот, пак, на обвинетиот му нанел исеченица на главата со остар предмет

Поднесени се обвиненија против четири лица за пукање што на 14 октомври минатата година се случи на булеварот „Христијан Тодоровски Карпош“ во Чаир, а во кое беше повредено едно лице, информираат од Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје.
Едно од лицата, првообвинетиот, се товари за тешки дела против општата сигурност, второобвинетиот за предизвикување општа опасност, а другите двајца за учество во тепачка.
Обезбедениот доказен материјал, како што велат од Обвинителството, покажал дека првообвинетиот при тепачка испукал куршум од пиштол и го погодил оштетениот во левата потколеница. Оштетениот, пак, на обвинетиот му нанел исеченица на главата со остар предмет.
Другите тројца обвинети, додаваат од Обвинителството, претходно ги започнале вербалната расправија и тепачката со оштетениот.
„Во текот на целиот инцидент и второобвинетиот неконтролирано замавнувал со пиштол и испукал еден куршум во непознат правец предизвикувајќи со тоа значителна опасност по животот и телото на луѓето“,
се додава во соопштението.
За време на извршување на кривичното дело, првообвинетиот бил осудено лице и користел поволности во установата каде што ја извршува казната.
Од тие причини, за ова лице уште при поведувањето на истрагата јавниот обвинител предложил да му биде определена мерка притвор, а со поднесувањето на обвинението предложено е нејзино продолжување.
Еден ден по пукањето од Министерството за внатрешни работи рекоа дека во инцидентот учествувале четири лица кои биле откриени во координација со „Безбеден град“ и Основното јавно обвинителство Скопје.
Две од лицата, 32-годишниот Л.А. и 30-годишниот И.Т., биле уапсени и задржани во полициска станица за понатамошна постапка. Другите двајца, А.Р. (29) и М.И. (32), биле осудени лица кои издржувале казна затвор во КПУ „Идризово“, а кои во текот на вчерашниот ден, во времето на извршувањето на кривичното дело, користеле излез од затворот врз основа на работен ангажман.
Повредениот, 35-годишниот скопјанец Е.А., беше пренесен во болница каде што му се укажа потребната медицинска помош.