Против 41-годишен скопјанец е поднесен обвинителен предлог од страна на Основното јавно обвинителство-Скопје поради сторено кривично дело измама од член 247, став 3, во врска со став 1, во врска со член 45 од Кривичниот законик.
Обвинетиот вршел измами со наводна продажба на станови во периодот од 6 мај 2020 до 5 март 2021 година.
„Тој довел и држел во заблуда десет лица – оштетени, на кои лажно им прикажувал факти дека како агент за недвижности во своја агенција за недвижности е овластен од име на сопствениците на станови да ги продава нивните станови на други лица. Обвинетиот ги огласувал становите и ги покажувал за продажба, со што ги навел оштетените да сторат штета на својот имот од поголема вредност“,
информираат од Обвинителството.
Со четворица од оштетените, обвинетиот склучувал договори за капар за станови во градба и наплатувал различни износи, но со овие лица не дошло до склучување договори за купопродажба. Со други шестмина оштетени, пак, обвинетиот склучувал и договори за капар и наплатувал различни износи за капарот, а потоа склучувал и договори за купопродажба во кои без знаење на вистинските сопственици се потпишувал како „продавач“.