Се работи за настан од 1 ноември лани кога во вооружена престрелка во скопско Арачиново двајцата браќа на возраст од 23 и 31 година со умисла го лишиле од живот лицето што имало долг од 7 000 евра кон нивниот починат татко, а се обиделе да го лишат од живот и неговиот син
Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје поднесе обвинение против двајца браќа од Арачиново кои како соизвршители сториле кривични дела убиство и обид за убиство.

Се работи за настан од 1 ноември минатата година, кога во вооружена престрелка во скопско Арачиново двајцата браќа на возраст од 23 и 31 година со умисла го лишиле од живот лицето што имало долг од 7 000 евра кон нивниот починат татко, а се обиделе да го лишат од живот и неговиот син.
„Со двајцата оштетени – татко и син – обвинетите се договориле да се најдат и да разговараат за наводен долг од 7 000 евра. Со автомобил пристигнале на договорената локација, но по краток разговор, едниот од обвинетите извадил огнено оружје – пиштол и започнал да пука кон жртвите. Од нанесените огнострелни повреди оштетениот татко починал, а синот се здобил со тешки телесни повреди“,
наведуваат од ОЈО Скопје.
До Основниот кривичен суд Скопје јавен обвинител достави и предлог за продолжување на претходно определената мерка притвор за двајцата обвинети.