Перински во овие јавни проекти не гледа предизборен поткуп затоа што, вели, на јавните повици може да аплицираат и да добијат средства сите градоначалници, без разлика на нивната политичка припадност

До 30 април општините може да аплицираат за добивање финансиски средства за реализација на инфраструктурни проекти. Министерството за локална самоуправа денеска го објави вториот јавен повик за добивање на финансиски средства до 15 милијарди денари за проекти од областа на културата, спортот, животната средина, патната инфраструктура, социјалната политика и образованието.
Апликативните формулари општините треба да ги достават до Министерството за локална самоуправа, а проектната документација до ресорните министерства.
Според министерот за локална самоуправа Златко Перински, овој повик е креиран во согласност со барањата на градоначалниците и е со цел да им се помогне на општините.
Тој вели дека во овој повик е продолжен рокот за аплицирање и општините имаат доволно време доколку не им се завршени проектите тоа да го направат и со нив да аплицираат.
„Олесната околност е и тоа што е додаден еден член што вели дека потребната документација што треба да ја обезбедат, неопходна за отпочнување на јавна набавка, доколку на некоја општина и недостасува некое одобрение ќе може да отпочне јавна набавка, а во текот на постапката да го дообезбеди тој документ. Значи, овој јавен повик е адаптиран согласно нивните потреби“,
рече Перински на денешната прес-конференција.
Распределбата на средствата Перински рече дека ќе се врши врз основа на два критериуми и тоа резидентното население во општината согласно последниот попис и комплетна проектна документација потребна за отпочнување на јавната набавка.
Овој втор јавен повик, според Перински, е продолжение на првиот, како што рече, веќе дава резултати на терен. Најголем интерес во првиот повик имало за реализација на проекти од патната инфраструктура.
„При првиот јавен повик локалните самоуправи беа ограничени при обезбедување на градежни дозволи. Тоа го олабавивме за вториот повик бидејќи го сменивме Законот за уредување на градежно земјиште каде што за објекти од јавен интерес како што се градинки, училишта, не им треба веќе одобрение од самите локалните самоуправи. Тоа го надминавме сега и очекувам на овој повик да имаме повеќе проекти од делот на социјалната политика“,
рече тој.
Тој смета дека сите средства ќе се искористат затоа што, како што рече, можноста што им ја дава Владата на општините не ги ограничува да аплицираат со проекти што треба да ги завршат до крајот на годината. Општините, рече Перински, може да аплицираат и со многу поголем проекти што ќе бидат во годините што следат.
Перински во овие јавни проекти не гледа предизборен поткуп затоа што, вели, на јавните повици може да аплицираат и да добијат средства сите градоначалници без разлика на нивната политичка припадност.
Повикот е објавен на веб-страницата на Владата и на Министерството за локална самоуправа и во два дневни весници.