Обилните врнежи од дожд ја заматија водата за пиење во Тетово и Гостивар, а надлежните апелираа да користи флаширана вода или водата од чешмите да се проврива, па потоа да се пие.
Од Центарот за јавно здравје (ЦЈЗ) Тетово објаснуваат дека состојбата во овој град не е алармантна и дека по прекинување на врнежите се очекува стабилизирање на физичко-хемиските параметри.
„Поради обилните дождови, најверојатно дојде до пробив до извориштата на Шар Планина и до заматување на водата за пиење во градскиот водовод на Тетово. Поради тоа, не препорачуваме водата да се пие односно препорачуваме да се користи флаширана вода или да се преврива 10 минути, а потоа да се употребува изладена. Првичните резултати се во рамки на нормални вредности. Нивото на резидуален хлор е 0,2 милиграми на литар, така што препорачуваме да не се консумира додека не излеземе со конечните резултати. Нивото на резидуален хлор ни дава надеж дека нема да дојде до микробиолошко загадување и дека ова ќе биде едно транзиторно заматување на водата за пиење“,
изјави доктор Ратко Давидовски, специјалист по хигиена и здравствена екологија во Центар за јавно здравје.
И од комуналното претпријатие во Гостивар, „Комуналец“, апелираа до граѓаните да не ја користат водата за пиење.
Во соопштението до јавноста посочуваат дека поради облините врнежи од дожд деновиве, дошло до заматување на водата во изворот на реката Вардар.
„Како последица на оваа појава водата која се пренесува преку водоводната мрежа е загадена и не смее да се користи за пиење“,
известуваат од ЈКП „Комуналец“ Гостивар.
Забраната за користење на водата за пиење, додаваат, ќе важи до наредното известување.
