„Мислам дека една партија (СДСМ, н.з.) даде предлог за напредок и трпи критики затоа што некои луѓе го сакаат или не го сакаат. Друга партија (ВМРО-ДПМНЕ, н.з.) ветува дека ќе изнајде начин за патот напред и мислам дека можеби е фер граѓаните да побараат од таа партија да понуди нон-пејпер во кој ќе објасни која е нејзината визија и потоа ќе можете да решите меѓу визијата која ја знаете и нешто што е ветување“ – порача денеска од Скопје шефот на американската дипломатија за Европа
Прашан за пораките од О‘Брајан кажани во интервјуто за „360 степени“ во ноември, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во интервју за „360 степени“ во декември рече дека новинарот му поставил наведувачко прашање на американскиот дипломат манипулирајќи со ставовите на ВМРО-ДПМНЕ. О‘Брајан денеска повтори дека останува на кажаното во ноември
Фер е граѓаните да побараат од ВМРО-ДПМНЕ да понуди нон-пејпер во кој ќе ја објасни визијата за патот напред – порача денеска од Скопје помошник-државниот секретар на САД, Џејмс О‘Брајан, одговарајќи на новинарско прашање – дали се точни информациите дека меѓународниот фактор притиска да биде потпишан нон-пејпер на политичките партии на Албанците со кој ќе се обврзат да не коалицираат со партија која шест месеци по изборите нема да спроведе уставни измени.
„Ми кажаа дека ќе ме прашаат за нон-пејпер. Не знам за нон-пејпер и би сакал да се задржам на она што го кажав во ноември кога бев во Скопје, како и денеска. Сметаме дека граѓаните на Северна Македонија треба да решат за патот за напредок. Мислам дека една партија (СДСМ, н.з.) даде предлог за напредок и трпи критики затоа што некои луѓе го сакаат или не го сакаат. Друга партија (ВМРО-ДПМНЕ, н.з.) ветува дека ќе изнајде начин за патот напред и мислам дека можеби е фер граѓаните да побараат од таа партија да понуди нон-пејпер во кој ќе објасни која е нејзината визија и потоа ќе можете да решите меѓу визијата која ја знаете и нешто што е ветување“,
рече О‘Брајан.
Одговорот на шефот на американската дипломатија за Европа дојде на прес-конференцијата со премиерот Димитар Ковачевски по состанокот на лидерите на земјите од Западен Балкан посветен на Планот за раст на ЕУ за регионот.
„Во однос на САД, ние сметаме дека е во наш интерес – интересите на граѓаните на Западен Балкан да се задоволат и да ги видиме владите на земјите од регионот како се приближуваат кон интеграцијата во ЕУ. Ние сме посветени на тоа Северна Македонија и САД да продолжат да соработуваат на патот на земјата кон Европа. Граѓаните на земјава ќе имаат јасен избор во наредните месеци меѓу јасна визија која знае како да оди кон Европа и нешто друго. Граѓаните ќе треба да изберат. Од перспектива на САД, многу сакаме Северна Македонија, што е можно побрзо, да стане дел од ЕУ“,
изјаваи О`Брајан денеска во Скопје.
За потсетување, во ноември 2023 г., во интервју за „360 степени“ на МРТ 1, зборувајќи за противењето на најголемата опозициска партија на уставните измени за внесување на Бугарите, Џејмс О‘Брајан порача:
„Некој може да каже дека ќе дојде со подобра понуда. Но, ако не ви каже за што точно станува збор и не ви каже зошто другите би ја прифатиле, само се обидува да ве измами. И се надевам дека гласачите се попаметни од тоа“.
На дополнително прашање за тоа дека најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ повторува оти во вакви околности не би поддржале уставни измени под бугарски диктат, па дури и дека нема да го прифатат тоа во периодот што следува (ако дојдат на власт) – дали има шанса за интервенции во Преговарачката рамка на ЕУ или промени во глобалниот контекст, кога некој вели дека може да донесе подобра понуда, помошник-државниот секретар на САД рече:
„Јас мислам… Не. Видете, има понуда на маса. И ако сакате да знаете за некого кој е и како ќе постапува кога ќе биде на власт, видете како ќе реагира на таа понуда. Ако тие велат, на многу јасен начин, еве ја алтернативата и верувам дека таа е прифатлива за другите, тогаш можете да процените дали се во право или не. Ако велат – имам подобра понуда, но нема сега да ти кажам што е – тоа е личност од која не би купиле автомобил. Па, мислам и дека не би требало да гласате за нив, исто така. Но, тоа е избор кој го прават гласачите овде. Јас не гласам овде. Луѓето може да изберат што сакаат“.
Прашан за пораките од О‘Брајан, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во интервју за „360 степени“ во декември 2023 г., рече дека новинарот му поставил наведувачко прашање на американскиот дипломат манипулирајќи со ставовите на ВМРО-ДПМНЕ. О‘Брајан денеска повтори дека останува на кажаното во ноември.