На состанокот бил упатен апел и опомена до сите чинители во ланецот на прехранбени производи во наредниот период да не дојде до зголемување на цените на основните прехранбени производи, по завршување на Новогодишната кошница, за да не се носат мерки од страна на Министерството за економија и труд

Производителите, диструбитерите и маркетите да се воздржат од зголемување на цените на прехранбените производи и по завршувањето на акцијата новогодишна кошничка за се заштити стандардот на граѓаните. Ваков апел до дел од учесниците во акцијата, која заврши вчера, бил упатен на состанокот што со нив го имале заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески и директорот на Државниот пазарен инспректорат, Влатко Стојаноски.
Акцијата, како што соопштија денеска од Министерството за економија и труд, за прв пат беше иницирана и спроведена од страна на бизнис секторот и во текот на следните недели се очекуваат анализи на ефектите од неа.
„Од Министерството за економија беше потенцирано сите учесници да се воздржат од зголемување на цените на прехранбените производи кои беа дел од оваа акција и во таа насока се подготвени да комуницираат во духот на соработката“,
се вели во соопштението од Министерството.
На состанокот бил упатен апел и опомена до сите чинители во ланецот на прехранбени производи во наредниот период да не дојде до зголемување на цените на основните прехранбени производи, по завршување на Новогодишната кошница, за да не се носат мерки од страна на Министерството за економија и труд.
Од заменик-министерот било кажано дека министерството ќе ги искористи сите механизми кои ги има на располагање за да се заштити стандардот на граѓаните.
Од страна на владините претставници, како што се додава во соопштението, било кажано дека клучна улога во заштитата на економијата имаат токму производителите и трговците, како носители на понудата на пазарот.
Од страна на Државниот пазарен инспекторат било кажано дека инспекторите остануваат на терен за да ја следат состојбата со цените.
Вчера од Министерството за економија оценија дека новогодишната кошничка била успешна и придонела за намалување на цените на производите што беа вклучени во неа.
Успешноста на акцијата велат дека се гледа во тоа што во неа биле вклучени 1 178 производи од 96 производители и дистрибутери, а се применувала во 762 продажни места на 51 маркет.
Наспроти власта за новогодишната кошничка од опозициската СДСМ, пак, рекоа дека цените не се намалија, туку за одредени производи и се зголемија.
Од партијата сметаат дека политиките на власта со воведување на кошничката се целосно промашување со кое има поголема скапотија кај граѓаните и ги турка семејствата во уште поголема економска несигурност и во поголема сиромаштија.