Сè до моментот на финално решение односно затворање на тој мозаик на потреби неопходни за реализација на таков капитален проект ние ќе продолжиме со реновирање и адаптирање на сите болници, рече министерот
Министерот за здравство, Беким Сали, вели дека градењето на нов Клинички центар останува приоритет број еден за него, но до овој момент, како што рече, не е најдено најдоброто финансиско решение за негова изградба.
Изјавата министерот ја даде одговарајќи на новинарско прашање на настан за отворање на реновираниот Хируршки ургентен центар во склоп на постоечкиот Клинички центар „Мајка Тереза“ во Скопје за што тој рече дека ќе се вршат реконструкции на постоечките клиники за да се подобрат условите сè додека не се изгради нов комплекс.
„За мене како министер од првиот ден на стапување на функцијата приоритет број еден останува нов Клинички центар. Тоа е комплексен проект кој бара неколку решенија меѓу кој и финансискиот дел. Поради немање досега на најдобро финансиско решение за реализација на тој проект, ние продолжуваме со реновирање и унапредување на условите за секојдневна работа на нашите клиники во целата наша држава и вработените во овие клиники. Сè до моментот на финално решение односно затворање на тој мозаик на потреби неопходни за реализација на таков капитален проект ние ќе продолжиме со реновирање и адаптирање на сите болници“,
рече Сали.
Во однос на реновираниот Хируршки ургентен центар, кој денеска беше пуштен во употреба, како што беше презентирано на настанот,станува збор за целосна реконструкција на 400 квадратни метри квадратни и тоа на: приемно одделение, соба за реанимација, соба за тријажа, операциона сала, асептична соба, помошни простории и санитарни чворови. За реконструкцијата се издвоени осум милиони денари од државниот буџет, како и пари од донации.