Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници, Здружението на новинари и Советот за етика во медиумите во Македонија упатија заеднички апел до институциите, стопанските субјекти и поединци да помогнат за што побрзо враќање во етер на струмичкиот ТВ канал ВИС, кој утрово изгоре во пожар што изби во зградата на поранешната касарна.
„ССНМ, ЗНМ и СЕММ со голема загриженост ја примија веста за опожарување на просториите на регионалната телевизија Канал ВИС од Струмица. Локалните и регионалните медиуми во Македонија имаат посебно значење бидејќи тие обработуваат теми од локален карактер кои се од јавен интерес . Без овие локални медиуми, граѓаните остануваат лишени од важни информации кои се значајни за нивното секојдневно функционирање“,
се вели во соопштението од ССНМ.
Оттаму додаваат дека во овие кризни ситуации, како што е состојбата со коронавирусот, важноста на локалните медиуми е уште повеќе изразена и се надеваат дека нивните колеги наскоро ќе се вратат на своите работни задачи, барем на својата информативна улога.
Инаку, пожарот избувнал во 2 часот утрово, а зафатени биле телевизиското студио и техниката, но и другите простории во старата касарна.