Група новинари од Македонија, кои планирале да го следат Самитот на НАТО во Лондон, останаа со купени авионски билети, но без виза, поради што нема да може да патуваат. Планот бил Владата да ги покрие трошоците за сместување во Лондон, а авионскиот превоз да падне на товар на редакциите. Новинарите тврдат дека долго ги чекале деталите од Владата за да знаат колку денови би престојувале, па да купат билети. По добиената агенда, стигнала и нота од МНР со која се замолува Британската амбасада да им издаде визи на новинарските екипи. Но, и покрај реализираните интервјуа во скопска агенција и испраќањето на пасошите на одобрување во Варшава, Полска, новинарите до денеска не добија виза.
Новинарот Назим Рашиди од телевизијата Алсат вели дека нема да го искористи билетот резервиран за 19:30 од аеродромот во Охрид. Според него, Владата не се ангажирала максимално за оваа „НАТО-авантура“, но вина гледа и во Амбасадата. Иако истовремено аплицирале со неговиот колега-снимател, тој добил виза, но не и новинарот.
„Деталите околу сместувањето од Владата ги добивме во ноември, па по онлајн-аплицирањето ги оставивме во подрачниот центар во Скопје и мислевме дека поради нотата од МНР нема да имаме проблем. Само процедурата за виза ме чини 200 евра. Купивме билети, но, очигледно, извисивме. Имам акредитација и за Самитот и за средбите, но визата не стигна. Од Владата ништо не презеле аплицирањето за новинарите да биде групно. Јас од ова патување се откажав“, вели Рашиди за „360 Степени“.

Новинарот Јован Ѓорговски од телевизијата Канал 5 процедурата ја следи онлајн и пасошот сѐ уште му е во Варшава.
„Го пропуштаме летот бидејќи пасошите не ни се вратени, не знаеме дали имаме виза или не. Некоректно е, за да стигнеш до интервју воопшто преку агенција, мора да имаш билети. Купивме билети, ја приложивме и дипломатската нота и на интервјуто ни ги зедоа пасошите и ги праќаа во Полска. Според дипломатската нота, од Амбасадата се бара да ни одобри виза за престој од 1 до 6 декември. Очекувавме дека ќе се забрза за вечерва да тргнеме. Колку што гледам, пасошот сè уште е во Полска. Ако по некое чудо стаса до вечер, може и ќе отидеме“, вели Ѓорговски за „360 степени“.

Фотографот Томислав Георгиев од неделникот „Фокус“ воопшто не купил билет. Доколку стигне визата, попладнево ќе се обиде да го фати летот од Охрид.
„360 степени“ праша во Британската амбасада до каде е процедурата и дали има шанси дел од новинарските екипи кои сè уште сакаат да патуваат, да стигнат во Лондон. Оттаму велат дека се прават напори пасошите со одобрени визи да стигнат што е можно поскоро, но детали за колку пасоши се работи и кога би стигнале не соопштија.
Прашавме и во Владата на РСМ, зошто целата организација не се направи порано за да не се чекаат визите во „5 до 12“. До објавувањето на текстот одговор од Владата не добивме.