Би-би-си е крајно загрижен за односот кон новинарот Ед Лоренс кој беше уапсен додека известуваше за протестите во Шангај. Тој беше задржан неколку часа. При апсењето, полицијата го тепала и клоцала. Ова се случи додека тој работеше како акредитиран новинар, се вели во соопштението на портпаролот на британскиот јавен сервис
Кинеската полиција претепа и уапси новинар на Би-би-си кој известуваше за протест против мерките за ковид-19 во Шангај, но тој е ослободен од притвор по неколку часа.
„Би-би-си е крајно загрижен за односот кон нашиот новинар Ед Лоренс кој беше уапсен додека известуваше за протестите во Шангај. Тој беше задржан неколку часа. При апсењето, полицијата го тепала и клоцала. Ова се случи додека тој работеше како акредитиран новинар“,
се вели во соопштението на портпаролот на британскиот јавен сервис.
Би-би-си вели дека не добиле веродостојно објаснување за притворот на Лоренс.
„Не добивме никакво официјално објаснување или извинување од кинеските власти, освен тврдењето на официјалните лица кои подоцна го ослободија, дека го уапсиле за негово добро во случај да добил ковид-19 од толпата“,
вели Би-би-си.
Сини бариери се поставени утринава во Шангај, еден од најголемите градови во Кина. Овој викенд, стотици луѓе се собраа во Шангај да протестираат против кинеската политика „нулта ковид“. Демонстрантите јавно го повикаа кинескиот лидер да се повлече.
Полицијата утрово ги запира луѓето кои застануваат на улицата Вулумуки во Шангај, каде се одржаа протестите, и се сликаат со мобилните телефони, јавува Би-Би-Си. Полицијата ги тера луѓето да ги избришат фотографиите од мобилниот телефон, а ако не сакаат, ги апсат. Досега се уапсени најмалку две лица.
На азиските берзи цените на акциите нагло паднаа, додека доларот зајакна бидејќи инвеститорите не се склони кон поризични инвестиции поради протестите во Кина против острите рестриктивни мерки за борба против ковид-19.
Берзите се под притисок поради протестите против строгите мерки за ограничување за спречување на ширењето на вирусот, што избувна вчера наутро во неколку кинески градови, вклучително и финансискиот центар Шангај, како и делови од главниот град Пекинг.
Шангај е еден од многуте кинески градови во кои се протестира против строгите ограничувања поради ковид-19.
Протестите се проширија откако една зграда се запали во Урумчи на западот на земјата, а нејзините жители не можеа да се спасат од пожарот поради строгите мерки, при што животот го загубија десет лица.