И годинава останува да важи стариот систем за избор на предмети што ќе се полагаат за државна матура
Задачите можат да бидат во вид на младинска иницијатива, дигитална платформа, видоматеријали, сценска изведба…
Најдоцна до крајот на овој месец, до 30 ноември, срдношколците можат да пријават тема за изработка на матурската работа.
Од Министерството за образование и наука денеска соопштија дека и годинава останува да важи стариот систем за избор на предмети што ќе се полагаат за државна матура, но поради пандемијата со ковид-19, тие ќе се подготвуваат со скратени наставни програми.
Но, она што е новина оваа година, е што покрај стариот модел се воведуваат и нови можности за матурската задача, односно учениците можат својата тема да ја изберат од глобалните трендови во образованието, културата и социјалниот живот и таа да биде и критичко размислување за темите од современото живеење како:
– Младинска иницијатива која ќе предизвика некаква промена во заедницата (волонтерски активности, еко-акции, обуки за стекнување одредени вештини, хуманитарни активности и помош и поддршка на ранливи социјални групи);
– Дигитални едукативни и социјални платформи (електронски весник или тематски профил) кои обработуваат креативни и образовни содржини од областа на јазикот, културата, науката, уметноста, медиумите/ влијанието на социјалните мрежи, општеството, граѓанското однесување во општествената заедница и сл.;
– Видеоматеријали, кратки филмови, новинарски стории на одредена тема, портрети на личности од важност за заедницата, кампањи (на социјалните мрежи или во физички простор) кои учениците ги изработиле со цел промовирање позитивни вредности или
– Уметничка или сценска изведба (драма, литературно читање, ораторска вечер, изложба, мултимедијален настан и сл. ).
Целта е како што посочуваат од МОН, учениците ќе ја покажат својата иновативност, креативност, творечки потенцијал, лични комуникациски вештини, младински активизам, свест за општествена одговорност, грижа за околината и помош и поддршка на различни социјални групи. Полагањето на државната матура е обврска утврдена со Законот за средно обврзание, а пријавувањето ма матурската задача треба да се направи во училиштето.