Од Владата ја повикаа Арсовска пред да нуди дека парите за нови автобуси ќе ги стави на посебна сметка, прво да ги плати ратите за автобусите што ги набавил нејзиниот претходник Петре Шилегов, за тоа да не го прави Владата како досега
Градските власти наведуваат дека ратата за кредитот со кој ВМРО-ДПМНЕ и Шилегов набавиле автобуси е платена во текот на изминатата недела, Арсовска, пак, обвинува дека в понеделник по скопските улици ќе ги нема оние приватни превозници што се политички мотивирани од ВМРО-ДПМНЕ
Преписките и докажувањата меѓу Владата и скопската градоначалничка Данела Арсовска за тоа кој повеќе се грижи за скопјани и кој е поодговорен за тоа што тие се соочуваат со нефункционалност на јавниот градски превоз продолжија и денеска.
Откако вчера Арсовска му напиша писмо на премиерот Христијан Мицкоски во кое ја повика Владата да набави нови автобуси, а парите да ги обезбеди Град Скопје на посебна сметка, денеска одговор стигна од владината зграда на „Илинденска“.
„На скопјани им треба брзо решение за излез од состојбите, а ова што го бара Арсовска е процес на набавка на автобуси што трае година до година и пол“,
велат од Владата во одговорот на писмото на Арсовска.
Оттаму ја повикаа Арсовска пред да нуди дека парите за нови автобуси ќе ги стави на посебна сметка, прво да ги плати ратите за автобусите што ги набавил нејзиниот претходник Петре Шилегов, за тоа да не го прави Владата како досега.
„Второ, Данела Арсовска треба да ги исплати парите кон приватните превозници кои им ги должи, а со чие функционирање се пополнува празнината на ЈСП со градскиот сообраќај“,
велат од Владата, пренесува МИА.
Од Владата додаваат дека Арсовска пред јавноста ветила дека ќе достави план за излез од состојбите во градот, а план нема.
„Арсовска бараше програмите да бидат изгласани. Ние тврдиме дека за успешен град Скопје не е клучно гласањето на програмите, туку ефикасен менаџмент. Програмите се изгласани, а Арсовска сега смислува ново алиби за својата неуспешност“,
се вели во одговорот од Владата.
Попладнево од Град Скопје стигна реакција и на ова соопштение од Владата. Оттаму велат дека Владата решила да се служи со „селски итроштини“, наместо со конструктивност.
„Понудивме конкретни решенија кои доколку Мицкоски ги прифатеше ќе значеа дека навистина се грижи за Скопје и за скопјани. Вака само докажа дека го интересира како да произведе конфликт, со надеж дека политички ќе капитализира“,
се вели во писмената реакција од Град Скопје.
Во реакцијата градските власти наведуваат дека ратата за кредитот со кој ВМРО-ДПМНЕ и Шилегов набавиле автобуси е платена во текот на изминатата недела, односно оти од сметката на Град Скопје биле префрлени средства на Министерството за финансии.
Според градските власти, лага е дека од понеделник нема да возат приватните превозници.
Оттаму велат дека на скопските улици ќе ги нема автобусите само на оние приватни превозници чии претставници се политички мотивирани од ВМРО-ДПМНЕ.
„Втората лага е дека нема да возат приватните превозници. Имено, од трите пакети со кои оперираат приватни превозници нема да возат само оние автобуси чии претставници се политички мотивирани од ВМРО-ДПМНЕ да креираат дополнителен хаос за скопјани, а за кои градот Скопје отпочна постапка за надомест за штета. Со ова повторно се докажува намерата на оваа власт за предизвикување на хаос врз грбот на граѓаните на градот Скопје“,
се додава во реакцијата.
Во вчерашното писмо на Арсовска до Мицкоски, таа вели дека доколку Владата сака да набави нови автобуси, а нема пари за тоа, со одлука на Советот на Град Скопје може да се префрлат средства на посебна сметка, за потоа Владата да ја спроведе набавката на автобуси.
Во отвореното писмо до премиерот, градоначалничката оценува дека е крајно неодговорно скопјани да бидат жртви на, како што вели, самоволието на 23 лица чие единствено политичко дејствување е преку деструкција, блокади и политички манипулации.
Отвореното писмо што скопската градоначалничка го испрати до премиерот следува откако и на седницата на Советот на Град Скопје во четвртокот, советниците повторно не ја изгласаа набавката на нови екоавтобуси за Скопје. Дел од советниците од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата не гласаа, а дел од нив беа воздржани во гласањето.